Владата на седницата на 16 јануари усвои измени на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата на Полицијата, со кои се воведува двојазичност во полициските униформи на локално ниво.
„POLICIA”, POLICIA E TRAFIKUT”, „POLICIA KUFITARE” ќе видат додадени на амблемите, но иако одлуката стапи во сила минатиот четврток, на 2 февруари, неизвесно е кога ќе почне нивната примена.
Имено, воведување на измените на овој Правилник се условени од примената на друг документ. Во објавата во Службен весник се вели:
„Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува со денот на отпочнувањето на примената на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата“.
Оваа Уредба е оспорена во Уставниот суд.
На прашањето на Канал 77 во Министерството за внатрешни работи (МВР) кога ќе бидат ќе воведен албанскиот јазик во амблемите на полицијата, добивме неодреден одговор, од кој не може да се разбере што точно ќе се случува со овој правилник.
„Правилникот ќе отпочне да се применува со денот на отпочнувањето на примената на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 67/22), односно најдоцна од 26.03.2023 година.
До Уставниот суд на РСМ поднесена е Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на наведената уредба, по која сè уште нема донесено решение/одлука Уставниот суд, одговорија од МВР.
Иницијативата за оспорување на полицискиот Правилник е поднесена од партијата Левица.
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената Уредба се врши директна закана врз унитарниот карактер, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на државата. Се наведува дека ниту Законот за внатрешни работи, ниту Законот за полиција предвидуваат можност за отстапување од принципот на единственост на униформата на полицијата. Во иницијативата е наведено дека со оспорената уредба се нарушува системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на уставните и законските одредби. Подносителот на иницијативата тврди дека согласно меѓународно-правната анализа која е приложена со иницијативата, двојазични униформи во унитарни држави не постојат.
Од Уставниот суд одговорија дека по предметот се постапува.
-Кога ќе биде подготвен рефератот со конкретен предлог ќе биде ставен на дневен ред на некоја од седниците. Уставниот суд веќе информираше кога овој предмет беше основан и кога почна да постапува по наводите во иницијативата од страна на подносителот политичка партија „Левица”, соопштија од Уставниот суд.
Измените на Правилникот предвидуваат двојазичност на полициските амблеми. Предвидено е во градот Скопје, во општините во градот Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа да имаат амблем „ПОЛИЦИЈА“ „POLICIA”, натпис „ПОЛИЦИЈА“ „POLICIA”.
Сообраќајната полиција во местата со над 20 отсто албанско население на амблемите ќе имаат додадено „POLICIA E TRAFIKUT”, додека на амблемите на Граничната полиција во овие места ќе им биде додадено и „POLICIA KUFITARE”.
Согласно Уредбата што неодамна ја донесе Владата двојазични амблеми ќе има само за службите на локално ниво, таму, каде што официјален јазик е и албанскиот. Амблемите, нагласи, нема да бидат двојазични за централните служби и единиците кои се на ниво на држава.
– Таму каде што на локално ниво се работи, значи за амблемите на униформа на локално ниво во градови каде што официјалниот јазик е албанскиот јазик. Значи, на централните служби кои се однесуваат за цела држава нема никаква промена да има во делот на униформите, сходно на тоа и на единицата „Тигар“ и на „Единицата за брза распределба, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при усвојувањето на одредбите.
Уредбата произлегува од Законот за употреба на јазиците.
Но, кога ќе се воведат новините во примена, засега никој не може да каже. Се’ ќе зависи од одлуката на Уставниот суд и иницијативата на Левица.
(В.К.)