Слободата на медиумите е неприкосновено право.
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.
Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.
Новинарите кои работат во согласност со овој Кодекс ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација.
Во согласност со нашите закони, новинарите ќе го прифатат судот во однос на професијата само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание.
За почитувањето на принципите од Кодексот се грижи Советот на честа на „Здружението на новинарите на Македонија“.
Sign in to your account