„Мозаик од емоции“ е мотото на 14-то издание на традиционалната летна манифестација Струмица опен фестивал 2025, што официјално започнува утре. По тој повод, денеска на прес конференција беше претставена програмата на манифестацијата со сите детали околу одржувањето.
-Првите седум вечери ќе бидат претставени како културни настани – фолклор, поезија, книжевни работилници, театарски претстави, афоризми, читања на отворено и ретроспектива на старите времиња, со што ќе се поттикне широка културна разноликост и интеркултурен дијалог. Последните три фестивалски вечери ќе бидат главните музички вечери, со настапи на Летната школа за гитара под менторство на професор Васко Пиличев и многу други македонски уметници и групи како што се Битолски камерен оркестар со проектот MTV, Тамара Тодевска, Каролина Гочева и многу други. Сето ова е посветено на промоцијата на македонските уметници и култура, кажа конференција Елена Маѓеровска Паликарова заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.
Оваа година на фестивалот ќе учествуваат само македонски изведувачи, со што ја нагласуваме важноста од афирмирање на домашната сцена и култура.
Оваа иницијатива е повеќе од фестивал – тоа е платформа за емоции, насмевки и културни наслади. Ги каниме сите да ни се придружат и да бидат дел од овој богат мозаик на емоции што го носи Струмица опен фестивал 2025, рече Маѓеровска Паликарова.
Фестивалот оваа година донесува уште една новина, а тоа е одлуката Традиционалната школа за гитара во рамките на СОФ да го носи името на трагично загинатиот млад музичар во пожарот во Кочани, струмичанецот Џоко Ѓоргиев.
Основач и организатор на фестивалот е Здружението Културен забавен Живот – КЗЖ, а се одржува под покровителство на општина Струмица.