Администрацијата на Општината Струмица со градоначалникот Костадин Костадинов ја подготвува документацијата,со која пожарникарите од Професионалната противпожарна територијална единица ќе добијат зголемување на платата.
Со новиот договор, платата на еден пожарникар ќе изнесува најмалку 80.000 денари. Покрај тоа, се обезбедуваат и задолжителните надоместоци: исплата на хранарина, додаток за прекувремена работа, надоместоци за ноќни и ризични смени и покриени трошоци за паркинг и јавен превоз.
„Овие луѓе не се статистика. Тие се оние кои трчаат кога сите бегаат. Минималното што можеме да направиме е да им ја вратиме честа и достоинството. Јас нема да дозволам хероите да живеат како анонимуси. Само со мотивиран и одбран тим, Струмица може да биде сигурна, стабилна и подготвена. Ова е мојата лична благодарност до секој пожарникар “, изјави Костадинов.
Според најавата, дколку правната рамка го дозволи, договорот ќе стапи на сила од 1 септември 2025 година.
Паралелно се подготвува теренот за зголемување на платите и на општинската администрација.
-Знам колку е тешко да се работи под притисок, со стотици обврски дневно и со желба да се излезе во пресрет на секој граѓанин. Токму затоа, предлагам на синдикатот да ги разгледа опциите – покрај веќе предвиденото зголемување на платите за 8%, да се направат измени во Колективниот договор и платата во септември да се зголеми за дополнителни 20% за сите вработени во општинската администрација. Само мотивирана администрација значи ефикасна и човечка локална власт, соопшти Костадинов.