Европратеничката Ирена Јовева која има македонско потекло деновиве стана популарна бидејќи ги бранеше македонските интереси во Европскиот парламент. Таа воедно беше еден од гостите во денешната емисија на „Стадион“ каде зборуваше за македонските интеграции во Европската Унија.
„Европскиот парламент не си зима за право никогаш да одлучува дали на некој народ му треба дозвола за да постои или не, јас реков дека не треба за било кој народ, па ниту за македонскиот. Тоа не значи дека навладеа бугарското или грчкото лоби бидејќи ако навистина тоа се случеше, тогај во извештајот македонскиот јазик ќе стоеше како модерен или современ, така како што сакаа они, тоа не се случи и никогаш нема да се случи“, вели таа.
Јовева рече дека знае да се постави секогаш на вистинската страна водејќи се од принципите кои таа ги има.
„Знам дека овие работи не се лесни поради она што и се случуваше во последните години на Македонија, но мора да се размислува за подобрување на животот на македонскиот народ, тоа е најважно. Зрелата политика ми недостасува пред се од бугарската страна иако и од македонска страна треба да се покаже истото. Европскиот Парламент никогаш јазикот и идентитетот да ги оспори. Реформите треба да се прават за доброто на Македонија“, рече Јовева.