Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска околу пладне била физички нападната додека извршувала службени обврски на територија на Општина Чаир, потврди Министерството за внатрешни работи.
Според официјалното соопштение од МВР, инцидентот се случил на улицата Кумбара, а нападот го пријавило друго лице – со иницијали А.Ј. По инцидентот, Арсеовска се упатила во ГОБ „8 Септември“ за лекарска помош. Градоначалничката не поднела пријава за нападот.
–На 11.07.2025 во 12:15 часот, во СВР Скопје од страна на А.Ј. е пријавено дека при извршување работни задачи на улицата Кумбара физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош, велат од полицијата.
Мотивите зад нападот засега не се познати, но инцидентот се случува само неколку недели по изјавите на Арсовска дека добива закани и најави за кривични пријави против градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.