Со гордост го претставуваме третото музичко дело од продолжението на проектот „Македонијо, во срце те носиме“ – безвременската народна патриотска песна „Се собрале комитите“, овојпат во емотивна и моќна изведба на Миле Кузмановски, со музичка продукција на маестро Николче Мицевски. Станува збор за песна што не само што се пее, туку и се чувствува. Песна која потекнува некаде од крајот на 19. или почетокот на 20. век – време на немир и надеж, кога комитите со срце и пушка ја пишуваа историјата на македонската борба за слобода.
Преку стиховите на оваа песна се слуша ехото од планините, шепотот на клетвите дадени за татковината и чекорите на храбри луѓе кои се бореле за сонцето што денес гордо нè грее. „Се собрале комитите“ е длабоко вкоренета во македонската традиција, особено во западните и централните краишта. Многубројните варијанти сведочат за нејзината вечна актуелност, а сега, со новото аранжманско руво и гласот на Миле Кузмановски, песната добива свежина – без да загуби трошка од својата душа.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува да ја реализира својата мисија – да ја слави македонската музичка традиција преку современи преработки на безвремени народни бисери. По претходно објавените „Не кажувај либе добра ноќ“ во изведба на Огнен Здравковски и „Како пиреј“ на Ламбе Алабаковски, новата песна ни носи уште една горда нишка од нашето културно ткаење.
Во периодот што следува, љубителите на македонската песна ќе имаат можност да уживаат во целосната збирка од проектот – песните ќе бидат објавувани последователно, во духот на мотото: „Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци.“ Уживајте во „Се собрале комитите“, почитувајте ја историјата, и дозволете ѝ на музиката да ве однесе таму каде што се будела слободата – во срцето на Македонија: