Американскиот глумец Мајкл Медсен, можеби најпознат по своите харизматични но „опасни“ и сурови ликови во филмовите на Квентин Тарантино, почина вчера, на 67-годишна возраст, во својот дом во Малибу, Калифорнија, САД. Веста ја потврди неговиот менаџер Рон Смит, наведувајќи дека причина за смртта е срцев удар.
Во заедничка изјава, Смит, со-менаџерката Сузан Ферис и публицистката Лиз Родригез истакнаа дека Мадсен последниве две години интензивно работел на независни филмски проекти, вклучувајќи ги и претстојните филмови „Патот на воскресението“, „Концесии“ и „Кујната за јужните домаќинки“. Во истовреме, тој го подготвуваше и објавувањето на новата книга „Солзи за мојот татко: Мисли и песни од одметници“, којашто е во фаза на уредување.
„Мајкл Медсен беше еден од најпрепознатливите актери во Холивуд и многумина ќе го паметат и ќе им недостасува“, се наведува во заедничката изјава.
Канцеларијата на шерифот на Округот Лос Анџелес потврди дека нема сомневање за случај на насилство. Службите за итни случаи реагираче вчера наутро, а Мадсен бил прогласен за мртов во 8:25 часот.
Во текот на повеќедецениската кариера, Мадсен постигна култен статус со своите улоги во „Касапски кучиња“, (Reservoir Dogs) „Убиј го Бил“ (Kill Bill), „Дони Браско“ и „Телма и Луиз“. Тој беше чест соработник со Тарантино, појавувајќи се и во подоцнежните негови филмови „Омразените осуммина“ (The Hateful Eight) и „Си беше еднаш во Холивуд“ (Once Upon a Time in Hollywood).
Зад себе, Медсен има уште околу 346 улоги во филмови и ТВ-серии, според ИМДБ.
Мајкл Медсен ѝ е брат на глумицата Вирџинија Медсен. Тој беше оженет трипати и имаше седум деца, од кои едно почина пред неколку години.