Актуелниот грдоначалник на Струмица, Костадин Костадинов го замрзна своето членство во СДСМ, а тоа, како што објави на Фесбук, ќе трае се додека не се смени партиското раководство.
На прашање на ММС дали е можно да се кандидира како независен кандидат, Костадинов рече- има можност!
Но, реакцијата на Костадинов наверојатно доаѓа по објавата на претседателот СДСМ, Венко Филипче, дека каднидат за градоначалник на Стурмица на предстојните избори ќе биде општинскиот претседател Марјан Даскаловски иако на прашање на ММС тој рече дека не се лути.
-Мои сограѓани со кои ги делам деновите, улиците, битките и соништата… Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај. Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце. Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан. Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот. Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство. Затоа не победував јас – победуваше Струмица, напиша тој и додаде:
-Но денес стојам пред вас и ви кажувам нешто што ретко кој политичар ќе го признае: Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена. Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик. А човек што нема предизвик – ќе победи, но ќе тапка во место. А тоа е пораз што не го прифаќам. Паметно е да направиш чекор назад кога немаш конкуренција, за да ја видиш планината од дрвото кое што сега ти ја крие. Во мојот дом, со моите најблиски, отворивме душа. И решивме: Да, сè уште можам. Да, и понатаму ќе победувам. Но не сакам да бидам градоначалник по инерција. Сакам да бидам избор по потреба, по убедување, по визија. А во моментов – нема таква трка без реална конкуренција и со немање стратешка партиска поставеност по хоризонтала и вертикала. Го оставам зад себе најсилното градоначалничко портфолио во модерна Македонија, напиша Костадинов и нареди се што направил за овој град.
Костадонов и покрај тоа што го замрзнува членството вели дека останува социјалдемократ, но не со партиска книшка – туку поради вредностите.
-Но не можам да молчам кога гледам немање став, немање храброст, немање волја за фронт од тие од кои најмногу се очекува! Таа празнина ја чувствува секој вистински левичар, секој граѓанин што чека некој да каже – доста е! Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ. Нов тек. Нова целост. Ова не е адут за кампања. Ова не е крај. Ова е гест. Гест на зрелост, на чесност, на демократија. Да се повлечеш кога си најсилен – е најголема храброст, рече на крајот Костадинува и додаде дека неговата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела, во септември, а конечната по завршување на овие локални избори.
Костадинов посака среќа на СДСМ и на локалните избори “да се победи во барем една општина“.
ММС разговараше со Костадинов пред еден месец и на пашањето дали ќе се кандидира за уште еден мандат тогаш изјави дека очекува поддршка:
-Има уште многу проекти кои ги ветив на струмичани, кои се уште не се реализирани и имам обврска пред граѓаните да ги реализирам. А дека струмичани се задоволни од мене покажуваат и анкетите, имам висок процент на доверба. Согласно јавното кажување на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека анкетите ќе одлучат кој ќе биде кандидат, а согласно резултатите и проектите кои ги имаме завршено, кои се во тек и допрва треба да почнат, јас имам обврска пред струмичани да бидам кандидат за градоначалник. Очекувам по завршување на сите внатрепартиски постапки, дека партијата ќе донесе одлука за моја поддршка за следен мандат, вели Костадинов.
Но, по вечерашново замрзнување на членството во партијата тој за ММС рече дека не се лути на веќе официјално објавениот кандидат за градоначалник на Струмица.
-Неее. Не се лутам. Има можност да бидам независен, но се уште се прават анализи со тимовите. Опциите стојат. Како кандидат, како листа, како две листи посебни со заедничка цел. Се разгледуваат сите опции. Одлука се уште нема ама опциите се разгледуваат. Ова се краткорочните делувања, ќе следуваат среднорочни за интерпартиско делување, рече тој.
В.М.