Внимавајте што ставате на Инстаграм, е поуката од случајот што го сподели МВР, а кој на крај завршил со привремено одземање на возило од страна на полицијата.
МВР соопшти дека на 12.03.2025 во 22.40 часот во Кавадарци полициски службеници од ПО БПС Кавадарци сопреле патничко моторно возило „бмв” со кавадаречки регистерски ознаки, сопственост и управувано од Р.С. од Кавадарци, а во врска со претходна објава на социјалната мрежа Инстаграм.
На објавата на социјалната мрежа е споделено видео, на кое се гледа дека возачот го управува возилото со нагло зголемување на брзина, со што предизвикува пролизгување на погонските тркала и создавање бучава.
-Од страна на полициските службеници возилото е одземено по член 344 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. На 14.03.2025 во Станица за технички преглед во Кавадарци извршено е мерење на бучава и утврдена е бучава над дозволената. Согласно член 344 став 3 од ЗБСП, возилото „бмв” е привремено одземено на период од 90 дена, соопшти МВР.