Британскиот амбасадор Метју Лосон при денешната посета на општина Штип изјави дека е оптимист за изградбата на штипската клиничка болница и дека британската понуда според него е одлична:
- Јас сум оптимист и мислам дека имаме одлична британска понуда за обновување на клиничката болница. Јас сум оптимист дека можеме да постигнеме договор наскоро. И сега разговаравме со вашиот премиер и вашата влада и јас сум оптимист дека можеме да заклучиме нешто позитивно во скора иднина, вели Лосон.

Освен за болницата, на средбата градоначалникот и амбасадорот разговарале и за можностите за британски инвестиции во Штип:
- Комунициравме на различни теми, поврзано со потенцијалот и значењето за изградба на клиничката болница, но и за поддршка на нови индустрии во нашиот град, кој има огромен потенцијал, навистина ми е драго што имаме еден пријателски однос со Велика Британија и верувам дека ваквата комуникација ќе произлезе да имаме уште подлабока соработка, поддршка и влез на капиталот од Велика Британија во нашиот град, вели Јорданов.