Во Штип започна судењето за убиството на 29-годишната Емилија Пешева, кое се случи на први ноември минатата година.
Обвинетитот Фадил Зејнелов во судот беше донесен од кумановскиот затвор, а при своето излагање пред судот ја призна вината за убиството. Според обвинетиот, убиството го сторил од љубомора, бидејќи мислел дека Емилија, со која бил во љубовна врска, го изневерува.
Откако ја повикал на средба, двајцата се нашле во штипската населба Суитлак. Разговорот преминал во расправија, по што Фадил и удрил тупаница на Емилија, која од ударот паднала на колена, по што ја фатил за вратот, ја легнал на земјата и почнал да ја дави. Откако ја удавил, го напуштил местото на убиството, по што самиот се пријавил во полиција.
Обвинителството го гони за кривичното дело фемицид, според член 123 од Кривичниот закон и бара максимална казна доживотен затвор.
Со барање за доживотен затвор е и адвокатскиот тим на семејството на Емилија:
-Обвинетиот ја призна вината, а ние како полномошници на оштетените, единствено што побаравме е максимална казна доживотен затвор. Оставаме на судот да донесе одлука, која што во среда ќе биде објавена и ќе ја слушнеме, вели адвокатот на семејството на Емилија, Мишко Чолаков.
Во меѓувреме родителите на Емилија минуваат низ пекол.
-Едно маче, едно куче денеска не можеш да утепаш, а ова не е играчка, ова е човек. Дете остави, внук, зошто? Сираче, детенце, да го оставеш така. Не иде во школо, си ја бара мајката, и со него тешко одиме. Го носев 5-6 пати на гробот, знае дека е убиена. Тежок ни е животот, ако имам 3 деца, ама те боли, сите прсти болат. Ја нема Емилија, не можам да се смирам. Ако му дадат доживотна, некако ќе се смирам, вели Слободан, татко на убиената Емилија.
Мајката не може да се помири зошто не успеала да ја спречи Емилија да отиде да се види со убиецот.
-Рече „мамо, јас сакам да му раскинам“. Јас и реков да не оди, да не се случи лошо. Чекај и јас со тебе ќе дојдам, викам, а она не ме послуша, отрча сама. Како мајка почувствував лошо, тешко, дека нешто лошо ќе се случи. Оти овој човек не ја сакаше, ја користеше. Барам доживотна казна затвор. Тоа имам да му порачам и да го замолам судијата. Кога ќерка ми ќе излезе од гроб, тогаш и убиецот нека излезе од затвор, вели Џемиле, мајка на убиената Емилија.
Мартин Каровски