Штипското јавно комунално претпријатие Исар започна да користи нов кол центар за брзо решавање на проблеми. Граѓаните ќе можат да пријавуваат дефекти и проблеми преку еден унифициран телефонски број. Секој пријавен проблем ќе добие повратен одговор, а повикот ќе биде снимен. Ако е потребно, тимови на ЈП Исар ќе излезат на терен за да го решат проблемот.
- На телефонскиот број 032 609 555 граѓаните ќе можат да ги пријавуваат дефектите и нашите служби автоматски и нашите оператори ќе добиваат работен налог и ќе постапат по извршување на истите работни задачи. Морам да напоменам дека заради квалитетот на разговорот и услугите разговорите ќе бидат снимени. Овој кол центар ќе биде на располагање 24 часа дневно. Доколку има поголем дефект или дефект за кој ќе се јавуваат поголем број на граѓани во исто време ова софтверско решение го овозможува тоа. Овозмеожени се голем број на повици кои можат да се остварат – вели Александар Арсовски, директор на ЈП Исар.
Инвестицијата е околу илјада евра, а за работата на кол центарот нема да бидат ангажирани нови вработени, туку ќе се користат постоечките, кои се обучени за работата.