Британка, која обезбедува истражувачка поддршка на парламентарците и нивните тимови, пријавила во полиција дека во еден од баровите во зградата на британскиот парламент ѝ била ставена дрога во пијалокот.
Таа пријавила на вработените во барот дека дрогата и била ставена во пијалокот минатиот вторник попладне, за време на вториот работен ден на Парламентот по божиќната пауза, објави Би-Би-Си.
Инцидентот, наводно, се случил во барот „Странџис“, кој е отворен за пратениците и нивните гости, како и за вработените во парламентот.
Портпаролот на лондонската полиција потврди дека истрагата е во тек, дека жртвата добива поддршка, но дека се уште никој не е уапсен.
Случајот за кој прв го објави бриселскиот портал „Политико“, го потврди и портпаролот на британскиот парламент.
„Свесни сме за инцидентот што се случи на имотот на парламентот на почетокот на јануари, а кој беше пријавен во собраниските безбедносни служби, што сега го истражува полицијата“, рече тој.
Непосредно пред божиќниот распуст, група пратеници од Лабуристичката партија предложија ограничување на продажбата на алкохол во Парламентот за време на работното време.
Министерката за внатрешни работи Ивет Купер го осуди инцидентот како вознемирувачко и сериозно кривично дело кое може да има штетно и долготрајно влијание врз жртвите.
Британската влада вети поостра борба против насилството врз жените и девојчињата преку Законот за криминал и полиција, пренесува политика.рс.