Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени локални врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, наместа со брзина над 60 km/h. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 1 до 6 степени, соопшти УХМР.
Во Скопје облачно и студено со слаб дожд, а во повисоките делови од котлината со слаб снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До петок ќе се задржи значително облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, долж Повардарието со повремен дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните, северните делови и на крајниот исток. Ќе дува умерен, а долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец (над 60 километри на час). Од сабота следува период на стабилно, суво и студено време.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција од дежурните екипи на ЈП Македонијапат. Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на патните правци Тетово – Попова Шапка и на планинските премини Плетвар, Ѓавато, Стража и Маврово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 ноември 2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2025 година.