Откако кочанчани вчера ја запреа намерата на виничани да се обидат да депонираат ѓубре во депонијата во нивниот град, денеска имаше нов обид, кој на крај им успеа. Ѓубрето кое беше депонирано денес е од општините Виница и Зрновци. Четири полни камиони успеаја да го депонираат ѓубрето во депонијата во Кочани, и покрај сите напори тоа да не се случи. И покрај активната одлука на Советот на Кочани во која е забрането да се носи ѓубре од трите општини во депонијата во Кочани, проблемите и понатаму продолжуваат.
Според граѓанската активистка од Кочани Благица Сабовљевиќ Стоименова, ова било дозволено од градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
„Вчера беше испратен еден камион од Виница полн со ѓубре кој сакаше да го депонира ѓубрето кај нас. Тој обид вчера не им успеа, но денес сепак неколкуте камиони полни со ѓубре успеаја во својата намера. Сепак, денеска градоначалникот Папазов дозволи ѓубрето да биде депонирано кај нас. Во однос на тоа како Општина Виница се одлучила на овој чекор, од директорот на јавното претпријатие во Виница добивме информација дека од Министерството за животна средина усно добиле таква наредба. Ова значи дека се прави огромен притисок врз општинското раководство и се сомневаме дека тоа отстапува пред притисокот на министерот. Ние ќе си го бараме нашето право по судови, а во меѓувреме остануваме будни за да ја следиме целата ситуација. Ние не сакаме да дојдеме во конфликт со локалната полиција, ние не сме криминалци“, вели таа за ММС.
На денешната случка присуствуваше полицијата, како и голем број граѓани. Иако првично се чинеше дека стражарската служба нема да попушти под притисокот, сепак ѓубрето беше депонирано во отпадот откако реагираше полицијата.
„Граѓаните оваа го сметат за саботажа од страна на својата Влада врз сопствениот народ. Во овој момент депонијата не е технички спремна ниту за своето ѓубре. Едвај е спремно нашето ѓубре за третирање, а плус сега имаме ѓубре и од Виница и Зрновци. Стражарот постапи по одлука на Советот на општина Кочани, тој првично одби да ги прими, но по наредба на градоначалникот, тоа се промени и ѓубрето беше депонирано. Луѓето таму беа тргнати од полицијата“, изјави Сабовљевиќ Стоименова.
Таа е разочарана од ресорното министерство каде нивното однесување го оцени како непристојно и непрофесионално.
„Најпрво додека протестиравме, ги чекавме 18 дена на студ за да реагираат, потоа најавија состанок кој го пренаменија во јавна трибина на коај не дојдоа, а последниот пат лично бевме контактирани за јавна средба, но не дојде до договор, па се повлековме. Тие треба чесно да дојдат и да се сретнат со нас каде целата процедура ќе има правна издржаност. Двете страни треба јасно да ги изразат своите ставови. Сепак, денеска соседните општини депонираа отпад наспроти едногласната одлука на Советот. Состојбата е сериозна и се работи за животот на граѓаните, ова мора да запре“, објаснува таа.
Кристијан Трајчов
Фото: Принтскрин