Лабина Митевска ја доби наградата за меѓународна копродукција на Еуримаж 2024 на 37-те Европски филмски награди во Луцерн, Швајцарија.
По доделување на наградата таа одржа моќен говор и доби голем аплауз.
Еве што кажа Митевска:
„Многу ретко можам да зборувам на македонски јазик, ви благодарам поради ова. Вистинска чест е што ја добивам оваа награда. Благодарност до Европската филмска академија, до Eurimages, до Советот на Европа. Знаете дека без вас европскиот филм денес ќе беше многу поинаков. Пред 25 години, кога ја формиравме нашата компанија, долго време бев единствената жена продуцентка, а сестра ми беше единствената жена режисер во нашата мала, но убава земја Македонија. Ни требаа години и години да се докажеме во балканското мачо општество. Бевме жени и сакавме промена. Сакавме да докажеме дека филмот не е единствено и ексклузивно за машки филмски професионалци. Сакавме да правиме европски копродукции со вклучување повеќе жени и најважно, сакавме да правиме бескомпромисни филмови. Не беше лесно и сè уште не е лесно. Но ние, сестра ми, брат ми и јас, верувавме дека уметноста, дека филмот ќе го промени светот. И денес веруваме дека филмот ќе го промени светот, ќе ни даде друга перспектива на светот.
За жал, светот во кој живееме денес е сѐ потажен и потажен. Живееме во свет полн со војни, насилство, неправди, нетолеранција. Светот во кој живееме денес го лажат неодговорни политичари кои постојано создаваат бегалци, имиграциски кризи. Денес сме сведоци на национализам, расизам и алчен експлоататорски капитализам. Во светот во кој живееме денес има многу земји со опресивни режими, каде што луѓето не можат да зборуваат слободно или да создаваат слободно.
И тука сме ние, филмските работници, раскажувачи на приказни, поети со обврска. Имам чувство и знам дека на светот не му требале толку многу, како сега, раскажувачи со храброст, кои се бестрашни, водени од потребата да ги раскажат своите приказни. Затоа, вечерва ќе го слават тој вид на филмови. Ќе го славам и татко ми кој почина пред два месеца, а кој нè научи да имаме страст за филмот кој ќе го смени светот“.