Фолк фестивалот „Роса“ го прослави јубилејот од 25 години со нови 17 хитови изведени на сцената на Домот на АРМ.
Балади, весели свадбарски, тамбурашки, патриотски, љубовни, тажни песни беа отпеани сите овие години, а така беше и годинава, кога на сцената се појавија Нино Величковски, Ленче Кукиќ, Благоја Грујоски, Анета Љумаковска, Мишко Крстевски, Стојне Николова, „Бендот на Браќата Нуне“, групата „Соната“, „Фортуна“, „Биоритам“, Горан Кукиќ, Дамјан Стојановски и други нови фолк надежи.
И годинава се испејаа песни, кои од публиката во преполната сала, веднаш беа препознаени и наградени со аплауз.
Но, солзите останаа за крај, кога на сцената се појави Анета Љумаковска и ја отпеа песната за нејзиниот починат татко. Анета успеа со претажниот текст да ги расплаче сите и да добие аплауз кој траеше.
Фолк фест „Роса“ си остана доследен на својата традијата да биде од ревијален карактер, па и овој пат единствените награди кои беа доделени беа наградите за животно дело.
Годинава оваа награда им припадна на пејачката Смиља Митревска, текстописецот Огнен Неделковски и композиторот Мирче Кикиритков.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски