Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди дека водата во Струмица е безбедна за пиење. АХВ издаде решение со кое ја укина забраната за употреба на водата од градскиот водовод, но останува да се бара трајно решение за проблемот со браната Турија, од каде со вода се снабдуваат струмичани.
Соопштувајќи ја веста, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, напиша дека анализите спроведени од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), три акредитирани приватни лаборатории и Центарот за јавно здравје Струмица ги побиле претходните негативни резултати од Институтот за јавно здравје.
„Струмичкиот отпор и пркос даде резултат. Благодарам на професионалците од АХВ што се одважија и го потпишаа решението за укинување на забраната! На сите кои се ситевте во овие за нас струмичани тешки и мачни денови, ви простувам од дното на мојата душа. Останува да се седне повторно со надлежните институции и да се изнајде решение за проблемот на брана Турија! Народе мој благодарам на истрајноста, трпението и поддршката која ми ја дававте мене и на професионалците од ЈПКД Комуналец, во оваа битка за Струмица. Борбата продолжува“, напиша Костадинов.
Граѓаните на Струмица повеќе од еден месец не смееја да пијат вода од градскиот водовод откако беше констатирано зголемено присуство на манган во водата што доаѓа од браната Турија.
Проблемот со водата ја прели чашата за општината и градоначалникот Костадинов, кој најави дека се повлекува од натамошното членство во ЗЕЛС, организацијата што ги обединува интересите на локалната замоуправа. Костадинов вчера не присуствуваше на состанокот на ЗЕЛС, а своето отсуство го најави ден порано:
-Јавно и одлучно потврдувам дека нема да присуствувам на следната седница во ЗЕЛС што е уште една потврда на мојата одлука околу понатамошното членство во ЗЕЛС.
Во моментот за мене е неважно кој и што кажал од ЗЕЛС и од владините институции многу поважни се следните приоритети коишто се пред се во интерес на граѓаните на општина Струмица:
1.Седнување на маса на експерти од МЗШВ и АД „Водостопанство“ и да си го решат проблемот
2.Институтот за јавно здравје јавно да ги објави резултатите од водата
3.Решавање и расчистување на ситуацијата со унгарскиот кредит земен на грбот на граѓаните
4.Консолидација и разгледување на можноста за повторно седнување на маса во ЗЕЛС
Не може питка вода и пари за граѓаните да бидат помалку приоритетни од членството во ЗЕЛС.
Ниту ЗЕЛС од Првиот до последниот, ниту одредени министри од влада ќе ме разубедат да застанам против интересот на моите сограѓани струмичани, соопшти Костадинов.