Психосоцијална помош, поддршка за остварување на правото на здравствено осигурување, но и на вработување. Ова се само дел од начините на кои Црвен крст придонесува за подобра интеграција на Украинците во земјава. Токму улогата на граѓанскиот сектор на ова поле е во фокусот на разговорот кој ММС го направи со Александра Валкановска, стручен соработник при Црвениот крст.
Вие се вклучивте со повеќе активности со кои Црвениот крст се обиде да им ја олесни интеграцијата на Украинците на наше тло. Ако се вратиме назад – кога почнаа вашите активности, како изгледаше првиот контакт со нив и како се мобилизиравте?
Почетоците се поврзани некако со започнувањето на воениот конфликт во Украина кога можеби и претпоставките одеа или не одеа дотаму дека лицата од Украина ќе дојдат во нашата држава имајќи предвид дека ние не сме држава од првиот или вториот круг туку да речам, малку подалеку. Сепак личните контакти, лицата кои имаа некакви роднински или пак бизнис врски во Македонија го искористија тој момент за да ги направат тие контакти и всушност да пристигнат на територија на нашата држава.
На самите почетоци, тоа беше некаде февруари или март 2022 година секако дека бевме подготвени за можен бран на украински бегалци, меѓутоа не бевме свесни дали ќе бидат 100, 200 или 20 лица. Подготовките одеа во насока за подготовеност на организацијата во случај на помал или поголем број на лица од таа држава. Секако дека првите регистрации беа веднаш во текот на март кога по процесот на регистрација при нивното официјално пристигнување во нашата држава пристигнаа во Црвениот крст. Така пристапивме кон тој процес на регистрирање бидејќи во нашата организација како хуманитарен аспект работата со лицата коишто се декларираат односно бараат статус на бегалци , баратели на азил или пак било кој статус кој е предвиден за таа група на граѓани, пред сѐ се регистрираат, а потоа е хуманитарната асистенција.
Креирани беа посебни прашалници и посебни форми за регистрација. Веднаш првично се направи една проценка за нивните потреби. Тоа значеше дека покрај тоа што ги земавме личните податоци, направивме проценка во однос на тоа колку членови имаат во семејство, дали имаат некои потешкотии. На пример, имаше лица со посебни потреби. Секако посебна група беа и децата, самохраните мајки… Така што навистина се подготви една брза програма со активности за поддршка на лицата. Во првиот момент реакцијата беше токму тоа – хуманитарна асистенција и поддршка во однос на првиот процес на пристигнување и регистрирање.
Какви активности поконкретно имавте испланирано и реализирано? На кои целни групи се фокусиравте?
Процесот одеше многу брзо, што значи веднаш од процесот на регистрација па до ден денес, сѐ уште активно се имплементираат активности за поддршка на лицата од Украина. Со поддршка на нашата мрежа односно Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина и швајцарскиот Црвен крст како донатори во програмата наменски креаирана токму за лицата од Украина, бргу стартувавме со конкретни активности. Во првите моменти имавме хуманитарна асистенција од типот на дистрибуција на хуманитарна помош преку пакети со храна, хигиенски производи. Понатаму психолошка поддршка, а секако и многу брзо започнавме со слушање на нивните барања.
Едно од нивните барања беше да се изучува македонскиот јазик. Часовите по македонски јазик почнаа многу бргу, а и сѐ уште траат, односно имаме групи. Што значи дека веќе две години и повеќе го изучуваат македонскиот јазик на повеќе нивоа. Повеќе од сто лица поминаа низ целиот тој процес, како возрасни така и деца. Тоа беше меѓу првите активности.
Понатаму го заменивме модалитетот и наместо пакетите со храна и хигиенски артикли, воведовме потрошувачки картички. Нив ги добија од еден ланец на маркети каде што всушност можеа да пазарат роба според вредноста на картичката која ја имаа.
Многу бргу го стартувавме и процесот на дистрибуција на ваучери за облека и обувки кои беа неопходни бидејќи нивната желба првично беше да бидат тука два до три месеци и да се вратат во родното место.
Стартувавме и со активности за децата. Тие тука не одеа во училиште, не го познаваа јазикот. Дел од нив сѐ уште следат оналјн настава на украински. Што значи дека децата седеа дома, немаа поголем конктакт и интеграција во заедницата, така што отпочнавме со часови по спорт, танц и така натаму. Сѐ она што значеше потреба на секое дете.
Го отворивме детското катче, каде децата поминуваат слободно време и таму се реализираа креативни работилници. Организиравме и културни настани за мешање на културите, посетивме историски локации низ државата. Организиравме заедни прослави за Бадник и за Велигден. На дел од луѓето им помогнавме во процесот на вадење документи и остварување на правото на здравствена заштита, а тоа беше најгорлив проблем за нив. Го плативме здравственото осигурување и хронично болните лица добија осигурување за да може да влезат во здравствениот систем на нашата држава. Одржуваме контакти постојано со нив и обезбедуваме терапија или лекарски прегледи. Што значи една комплексна програма со постојани контакти. Украинската заедница веќе ја чувствуваме како дел од нашите редовни корисници што значи и тие знаат каде да се обратат.
Психосоцијалната поддршка е исто така еден сегмент кој го работиме и за децата и за возрасните, особено жените. Тие најчесто доаѓаат да групни или индивидуални терапии. Имаме успешни приказни на лица кои нашле тука работа и ние сме им помогнале.
Го споменавте здравственото осигурување како еден предизвик. Објаснете ни „попластично“ како им помогнавте во овој дел. Дали стануваше збор за приватно здравствено осигурување?
Тоа беше всушност програмата „Поддршка во готовина и ваучери“ каде што ние на нивните трансакциски сметки им уплативме одредена сума со којашто потоа тие платија осигурување во државниот здравствен систем и со тоа го остварија правото на здравствено осигурување во столбот којшто е државен.
Помогнавме во процесот да најдат матичен лекар.И потоа сѐ она што следува на македонските граѓани го добија и лицата од Украина. За жал само дел од нив го остварија тоа право затоа што имаше некои законски нејаснотии околу тоа кој може, а кој не може да го користи истиот, така што осигуравме лица кои беа хронично болни и со многу медикаменти кои им беа потребни. За среќа имавме и спасени животи во тие ситуации.
Дали Украинците лесно успеваат да се вклучат на македонскиот пазар на труд? Каква е соработката со нашите компании?
Тоа е прашање кое тие самите некако повеќе го покренуваат, а ние само може да го олесниме тој процес. Од нивните кажувања, предизвик е непознавањето на македонскиот јазик. Имаат предизвици и на почетокот околу отворањето на трансакциските сметки и одењето во банка, меѓутоа и самиот процес на документи, превод и докажување на завршеното образование. Не е лесно да поминеш војна и да ги понесеш сите документи со себе. Некогаш тоа е тежок процес за докажување. Но веќе имаме некои успешни приказни, ги охрабруваме во тој процес. Можеби тоа ќе го олесниме со некој тренинг за стекнување нови вештини.
Рековте дека сте организирале прошетки за нив низ Македонија, па што е тоа кое им оставило најголем впечаток во нашата држава?
Навистина топол, пријатен народ се Украинците и тие се блиски до нашиот менталитет. Сакаат да поминуваат време со семејството исто како и ние, пред сѐ кога има некој верски празник. Секако дека им недостасува родното место и поширокото семејство бидејќи голем број од членовите на нивните семејства се во Украина. Го сакаат Скопје, ги сакаат и чаршијата и центарот. Меѓутоа го сакаат и Охрид. Ние секоја година организираме камп за деца и родителите од Украина кој се случува во нашиот тренинг центар во Струга.
Сме биле и во Крушево, на Маврово, а имаме во план да одиме и на Попова Шапка.
Се чувствуваат убаво и сакаат да поминуваат време меѓу себе, со волонтерите, но и со нас од службата.
Пристигнуваат ли сѐ уште Украинци во земјава? Македонија за нив е транзит земја или одлучуваат да останат овде на долг рок имајќи предвид дека дел од нив се вработиле и можеби одлучиле токму тука да го градат својот нов живот?
Ако на почетокот зборувавме за 520, 530 луѓе коишто се регистрирани во нашата база, а официјалната бројка на државата сигурно е поголема, сега веќе зборуваме за намалена бројка. Сега зборуваме за 200 или 250 луѓе коишто се континуирано поддржувани од нас преку конкретни активности. Сѐ уште има регистрации на семејства или поединци кои доаѓаат и кои бараат конкретна хуманитарна помош, но бројката е помала споредено со првиот бран. Дел од луѓето се вратени во Украина, дел се заминати во трети земји.
Сакаат речиси сите да се вратат дома, таму твореле и создавале, но во моментот за жал состојбите се такви какви што се. Ние работиме со сите нив.
Вања Мицевска
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program