Пред почетокот на новата учебна година, пред општините, училиштата и родителите се новите предизвици за обезбедување на безбедна училишна средина. Искуствата од изминатите години, особено од почетокот на 2023 година, покажа дека е потребен сериозен пристап кон ова прашање. Тоа беше година со закани за поставени бомби, сериозно разнишување на перцепцијата на училиштата како безбедна средина. Поради тоа, општ заклучок од неколкуте средби на работилницата за градење доверба во рамките на проектот „Безбедни училишта“ е дека потребно е сериозна надградба на Протоколите за работа на училиштата. Во рамките на трите работилници за градење на доверба што ги организираше здружението Медиа плус во Штип, Свети Николе и Кочани, излегоа повеќе предлози, со кои би се унапредила безбедноста во училиштата.
Процесот го водеше универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев, кој ги структурираше предлозите во неколку групи.
Поголема грижа за безбедноста
Во Општите препораки насочени кон локалните власти првата препорака е ефектуирање на оформените локални совети за превенција и нивен посебен фокус на безбедноста во училиштата.
„По потреба Локаните совети за превенција да може да нараснуваат со други релевантни чинители кои може да влијаат на превенција на насилството и зголемување на безбедноста. Приватниот сектор, телекомуникациските компании и провајдери на интернет, заедно со локалните медиуми и младите, мора почесто да бидат дел од овие совети и да се вклучуваат активно во локалните иновативни решенија кои ќе овозможат превентивно дејствување, а не post festum реакции“, пишува во препораките.
Во препораките се инсистира на обезбедување на обука за препознавање и превенција на насилство кои ќе имаат системски, не проект-базиран пристап. Организирање на редовни тренинзи за наставниците, стручните служби во училиштата и родителите, во соработка со стручни лица и експерти од локално ниво од универзитетите, или преку нив со други експерти од земјата и странство мора да бидат дел од годишната програма на локалните власти.
Посебен акцент на обуките со младите да се стави на негативните ефекти кои современите технологии ги пружат но задржување на позитивните придобивки кои доаѓаат со користењето на овие технологии. Акцент да се стави и на дезинформациите и сите форми преку кои овие малициозни комуникации може да влијаат на различни начини на загрозување на безбедноста или пак да поттикнат насилство помеѓу децата и младите, односно врз нив.
Осветлување, патеки, простории за ученици
Исто така, заедничка препорака на засегнатите во дел на безбедни училишта се инвестиции во подобрување на инфраструктурата на училиштата во насока на зголемување на безбедноста. Пред се’ подобрувањето на физичката безбедност на училиштата преку инсталирање на камери за надзор и соодветни осветлување, не само во училиштето туку во патеките на пристап кои водат кон училиштето е од посебна важност. Дополнително, во најголем дел од општините во внатрешноста на државата нема доволно паркинг места, заради што децата се принудени да се движат небезбедно по коловозите, наместо по тротоарите, со што сообраќајната безбедност станува се позагрозена по безбедноста на нивните животи при одење и враќање од училиште. Создавање на безбедни и пријателски простори за децата за време на одморите. Овие простории треба да имаат за цел да ги окуражат децата кои се чувствуваат повлечени и отфрлени да се охрабрат и да се вклучат во комуникација со останатите но и да најдат катче во кое може да се спријателат со деца и млади кои имаат слични проблеми и предизвици.
Очекувања од училиштата
Што се однесува до училиштата, во препораките, клучни се интеграција на програми за социјално и емоционално учење, развивањето на политики за сајбер безбедност и превенција на сајбер насилство и формирање на групи за поддршка и ресурси за жртвите на насилство.
Тука вклучува воведување на редовни часови кои ќе ги учат децата на емпатија, комуникациски вештини и решавање на конфликти. Во таа насока тоа значи и спроведување на активности за градење доверба и тимско градење и создавање на позитивна школска култура.
Потоа, обука на наставниците и учениците за безбедност на интернет и препознавање на онлајн насилство. Овие обуки мор да бидат генерички и во склад со националните стандарди. Во овој сет на политики е потребно да се артикулира и важноста за поддршка на создавање на безбедни канали за пријавување на сајбер насилство.
Не помалку важно е обезбедување на психолошка поддршка и консултации за жртвите
Исто така обезбедување на повеќе ресурси и поддршка за социјалните служби и училишните психолози преку посебни програми кои ќе го зголемат нивното значење и со тоа генерално угледот во заедницата но и меѓу младите и семејствата.
Дополнително, оваа препорака е во насока да се поддржат училиштата на локално ниво да развијат протоколи за брза интервенција при случаи на насилство. Иако има протоколи кои се се’ позастапени, евидентно е дека тие се или пресликани едни од други или пак во нив отсуствува инклузивноста на целиот кадар и релевантните чинители.
Меѓу поважните препораки се и развивање на национална стратегија за превенција на насилство меѓу децата и младите, планирање и спроведување на национални кампањи за подигнување на свеста, поддршка на интердисциплинарни програми за превенција и развивање на национални минимум стандарди за сајбер безбедност.
Овие стандарди ќе опфатат политики за вклучување на теми за сајбер безбедност во националната образовна програма и организирање на обуки за наставниците и учениците.
Како додаток на тоа би требало да создадат услови за развивање на национални политики и протоколи за заштита на децата од онлајн закани и сајбер насилство.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/ авторот ЗГ Медиа Плус и не ги одразуваат оние на Владата на САД.