Заканите за поставени бомби по училиштата кои го нарушија наставниот процес и внесоа страв во безбедната средина, за јавноста останаа делумна мистерија. Кој навистина стоеше зад оваа хибридна закана? Дали имаа реална основа? Најпосле, дали опасноста е елиминирана? Но, клучно прашање е дали институциите ги унапредија безбедносните мерките во училиштата, односно какви лекции научивме.
Одговорот на институциите, по деновите на закани кои стигнуваа на мејл адресите на директорите на училиштата во неколку градови во државата, беше да престана да се известува за тоа. Тоа, според универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев е една од мерките, но не и да се застане на тоа.
-Меѓутоа не се преземаат другите мерки, а тоа е, ве уверувам ако се повтори, сега ќе имаме парализа на системот, бидејќи не се направи ништо да се доразвие резилиентноста, односно еластичноста на системот. Тоа подразбира да има соодветни мерки, кои ќе овозможат системот за функционира дури и во намален о’д, доколку дојде до таква ситуација, криза… Земете земји, кои имаат практики, дури и во случај земјотрес, елементарни непогоди и слично, училиштето е место кое ги згрижува децата, има такви постапки со цел да не ги обременува останатите системи. Ако инструкцијата училиште не е кадарна да го направи сето тоа и да има изградени механизми, во тој случај имаме проблем, смета Хаџи Јанев.
Мејловите со закани за бомби дојдоа по серијата исти такви закани во земјите од регионот. Всушност, заканите почнаа од Словенија и каскадно се движеа преку Хрватска преку Босна и Херцеговина, Србија до Македонија. Што значи, имаше доволно време системот навремено да се подготви. Наместо тоа, се соочивме со овие хибридни закани во моментот кога и јавноста преку медиумите беше информирана.
Заканата понатаму беше пренесена на големите трговски центри, каде се собираат многу луѓе, но и на други институции. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, проблемот со несоодветниот одговор го лоцира на неколку места.
-За жал, немаме, прво политичка инфраструктура, во смисла на институции, а второ и немаме начини на контрола, превенирањето, информирање и борба против сајбер заканите. Затоа како влада, со формирањето на Министерството за дигитална трансформација, многу посветено се фокусиравме на институционална изградба на структури кои ќе информираат, ќе превенираат од потенцијални сајбер закани, а потоа и во случај на сајбер напад ќе може и да реагираат, изјави Андоновски во интервјуто за Гласот на Америка.
Но, што конкретно треба да се направи со училиштата? Соседна Србија одговори со донесување на документ, со кој точно се наведуваат постапките и чекорите во повеќе случаи на закани по безбедноста на училиштата. Овој документ е доставен не само до училиштата, туку и до сите засегнати страни. Професорот Хаџи Јанев вели дека сличен документ е донесен и кај нас уште и пред Србија, ама поради дискрепанцијата до пред некој месец кога локалната власт беше во рацете на една партија, додека централната во друга, овој документ беше речиси игнориран.
Затоа, со почетокот на новата учебна година, потребна е комуникација со секое одделно училиште.
-Во таква ситуација, паметна држава треба да ги повика училиштата, да ги посети, да ги провери тие протоколи дали се функционални, ако не се, да помогне, да ги анализира, да ги испробаат, да размислат дали ова што го зборувам е исплатливо или ќе најдат подобро решение. Бидејќи јас не тврдам дека е тоа најдобро решение, дека треба децата да ги згрижуваат. Можеби решението ќе биде да ги пуштите децата дома, да ги отстраните од тоа место. Но, она што фали е дека нема систематичност во тоа. Тоа е ад хок решение базирано на иницијатива и решение базирано на некоја си лидерска фантазија – еве, се досетил некој и направил исклучок од нешто, изјави Хаџи Јанев.
Решението според министерот Андоновски е системски одговор. Во формирање е центар за одговор на сајбер закани, што ќе ја има надлежноста и за овој тип на закани.
– Ние сметаме дека треба да има два такви центри во државата, коишто меѓусебно ќе бидат поврзани. Едниот би бил одговорен кон јавноста, кон НВО секторот, кон приватните институции, кон сите заинтересирани страни, кон граѓаните, а вториот владин центар за одговор при напади кој ќе ја мониторира целокупната владина мрежа внатре и ќе ги следи состојбите. Овие центри меѓусебно ќе комуницираат, ќе работат на иста платформа и постојано ќе имаат размена на информации, вели министерот Андоновски.
План има, а има и многу работа. Факт е дека одбранбените институции хибридните закани ги вбројуваат со современите начини на влијание и војување, што значи потребен е што побрз институционален одговор, вклучително и од училиштата.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/ авторот ЗГ Медиа Плус и не ги одразуваат оние на Владата на САД.