Градоначалничката Данела Арсовска денеска разреши уште еден директор, Александар Кузинаков од ЈП „Дрисла“.
Како што соопштија од Град Скопје Кузинаков е разрешен поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување.
„Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување, денес од функцијата директор на ЈП Дрисла е разрешен Александар Кузинаков. За неговото работење до градот Скопје пристигнати се бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата за што градот Скопје веќе најави ад хок ревизија.
Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје“, порачува Град Скопје.
Во ЈП Дрисла е најавена и вонредна ревизија од град Скопје која треба да започне до крајот на оваа недела.
Претходно беше разрешен и директорот на „Паркови и зеленило“ Мартин Ангеловски.
Претходната недела градоначалничката ги разреши директорите на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, на „Градски паркинг” Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски.