Исто име и презиме на едниот и речиси исто презиме на другиот, донесе уште една дезинформација во јавноста. Партијата СДСМ информираше дека во новиот Управен одбор на МЕПСО, чии членови се во исто време и директори во компанијата, се синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, како и сопругата на водителот на ТВ Алфа, Богдан Илиевски, Анастасија Илиевска, која е исто така новинарка.
„Владава се многу и боља, синот на Ѓорѓе Иванов поставен во Управен одбор на МЕПСО. Политиколог ќе управува со енергетска компанија“, пишува корисник на мрежата Х.
„Синот на Ѓорге Иванов и советот на Бетмен директори во Мепсо. Фала ВМРО“, пишува друг корисник на Х.
Следеше прес конференција на СДСМ, а потоа и реакција од ВМРО ДПМНЕ.
„Прв и најскандалозен избор е изборот на синот екс претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО. Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи. Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата“, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Станува збор за комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски“, соопшти ВМРО ДПМНЕ.
Новоизбраниот член на Управниот одбор на МЕПСО Иван Иванов е машински инженер од Кочани, кој својот работен век го има поминато во Телеком, а беше и пратеник од овој град од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Анастасија Илиеска, која го потврди својот извор во УО на компанијата, живее во Прилеп и работи во Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи како даночник. Дел од својот работен век има поминато и во Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според тоа, се работи за различни имиња, кои немаат врска со новинарката и синот на претседателот, и двајцата политиколози по образование.
Како што веќе информиравме, за нов директор е назначен Бурим Љатифи, а за заменик директор Александар Пауноски. Нови членови на Управниот одбор се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски. Додека Јован Лазарев, Зоран Тодоровски, Елизабета Гиовска, Симона Домазетовска Марковска, Агрон Рустеми, Звонко Бошков и Али Исмаиљ се новите членови на Надзорниот одбор.
В.К.