Дали платата е единствената мотивација за наставниците? Дали е пресуден статусот на наставникот и наставничката професија, но и тоа како се селектираат најдобрите ученици, кои би се образувале понатаму за наставници? На овие прашања во емисијата „Стадион“ зборуваа универзитетскиот професор Кирил Барбареев и министерката за образование Весна Јаневска, кои понудија примери на познати светски образовни системи.
Професорот на Факултетот за образовни науки од Штип, Кирил Барбареев, каде се образуваат идните наставници, рече дека образованието не е ставено на листа на национални приоритети.
„Темата за наставници, за тоа кои ќе бидат наставници, кој ќе поучува и ќе учи, како ќе се бираат луѓето кои ќе работат со идните генерации, како ќе се избираат идните наставници, треба да биде клучна тема. Кога ќе ја спомнете Финска – трета плата по статус е наставничка плата и од 500 се бираат 5 души кои ќе се образуваат за наставници и тие ги бираат уште од текот на средното образование, кажа Барбареев.
Споменувајќи го примерот на еден од најценетиот светски образовен систем – тој на Финска, министерката Весна Јаневска додаде дека и училиштата ги раководат директори магистри или доктори на науки. Јаневска го даде и примерот со Канада и начинот на ангажирање на наставниците.
„Наставниците добиваат договор за работа еднаш годишно и тој договор училиштето постојано им го обновува. Договор за работа, како кај нас, добиваат по 20 -годишно искуство. Различни се искуствата кои различни земји ги градат. Не станува збор дека парата, платата е голема мотивација, оти тоа е сосема јасно, рече Јаневска.
Професорот Барбареев смета дека суштината е еден студент додека студира, или е на пракса во средно образование, тој да почувствува дека општеството, институцијата, професорот, човекот, се всушност луѓето по моделите по кои тој сака да се препознае и ќе се идентификува.
„Младиот човек да ја прифати реалноста, треба да ја засака реалноста. Младите ја напуштаат земјата затоа што бегаат од реалноста со која не сакаат да се идентификуваат. Гледаат дека учат од модели кои не се позитивен пример по кој ќе се гледаат за 10, 15 години. Не сакаат да ја прифатат реалноста со која не сакаат да се идентификуваат. Имаат модели на идентификација кои не се нивни модели. Таа тема е сериозна општествена тема, клучна тема, како да ги задржиме младите преку училиште, бидејќи државата комуницира со младиот човек преку училиштето додека тој расте и се развива, изјави Барбареев.
Дека образованието треба да биде општествен приоритет, е согласна и министерката за образование Јаневска, која пак истакна еден друг проблем, а тоа е монотонијата со која, како што рече, се зафатени граѓаните, а со тоа и наставниците.
„Голем број на наставници се немотивирани не само поради финансиските средства, туку и поради тоа што трпат притисоци, постојани реформи, постојани обуки, од кои не гледаат бенифит… многу фактори влијаат наставниците да го добијат своето место. Да, согласна сум дека образованието мора да биде приоритет – оти е дојдено, како што вели народот, „нож до коска“, оти ако сега го пропуштиме моментот, ќе биде катастрофално лошо. Но, мора на наставниците да им дадеме и друга сатисфакција – малку почит, малку внимание и секако на крај ќе треба и финансиски да ги поддржиме, е ставот на Јаневска.
Зборувајќи за досегашните реформи, министерката најави дека програмата Кембриџ завршува со завршување на основното образование на учениците на кои им останува уште осмо и деветто одделение. За воведување на веронаука, засега нема планови.