Рекорден број луѓе ширум светот ги избегнуваат вестите, покажа истражувањето на Институтот Ројтерс. Како што е наведено, 39 проценти од испитаниците од 47 земји рекле дека понекогаш или често активно ги избегнуваат вестите, додека во 2017 година, 29 проценти од учесниците во истражувањето го дале тој одговор.
Околу 46 отсто од луѓето одговориле дека се многу или екстремно заинтересирани за вести, во споредба со 63 отсто во 2017 година, пренесе Би-Би-Си.
Главниот автор на ова истражување, Ник Њуман, смета дека падот на интересот за вестите е поврзан со „особено тешките работи во претходните години“, вклучувајќи ја и војната во Украина.
„Имавте пандемии и војни, па затоа е прилично природна реакција луѓето да се оттргнат од вестите, или за да го заштитат своето ментално здравје или само за да продолжат со животот“, објаснува Њуман. Тој посочи дека оние кои селективно ги избегнуваат вестите тоа го прават затоа што се чувствуваат „немоќни“ пред големите светски настани.
Некои луѓе се чувствуваат и преоптоварени и збунети од количината на достапни вести, додека други се уморни од политиката, додава Њуман.
Довербата во вестите остана на вообичаените 40 отсто, а беше за 4 отсто поголема само за време на пандемијата на Ковид.
Кога станува збор за изворот на вестите, околу 73 отсто од испитаниците одговориле дека читаат вести на интернет, додека 50 отсто навеле телевизија, а 14 отсто печатени медиуми.
Кога станува збор за социјалните мрежи, пристапот до платформата Фејсбук е најважен за најголемиот процент од испитаниците, иако веќе подолго време е во постојан пад, додека ЈуТјуб и Вотсап се исто така важни извори на вести.
Интересно е што во подем е ТикТок, за прв пат е пред платформата X, со 13 отсто наспроти 10 отсто корисници.
Истражувањето покажа дека постои широко распространет скептицизам за потенцијалното пишување вести со вештачка интелигенција, особено за посериозни вести како што се политиката или војната.
Истражувањето е спроведено во јануари и февруари годинава, а во него биле опфатени 94.943 испитаници во 47 земји.
МИА