Најуспешните жени менаџерки од земјава и регионот ќе бидат наградени денеска на манифестација што по 28-ми пат ја организара „Марили“.
Годинава, ќе бидат наградени и ќе добијат статуетка „Жена водилка“ 13 менаџерки, од кои 10 се од земјава, а три од Србија и Хрватска.
Манифестацијата ќе биде збогатена со настап на мецосопранот Александра Коцевска и придружникот на пијано, Глигор Гелебешев.
– Целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер е поттик за идните млади генерации, особено девојки, да се охрабрат, да веруваат во себе, и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат бодро низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња. Секако, нивната борба за родова рамноправност во општетсвото и бизнисот да им биде водилка низ животниот век , за бидат пример и поттик за генарациите кои доаѓаат по нив, наведуваат од „Марили“.
Манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ преку својот Марили Бизнис Клуб спојува над 150 жени менаџери кои соработуваат, се вмежуваат, охрабруват, организираат хуманитарни настани, но и ги поттикнуваат младите девојки и жени да влезат и да се остварат во бизнис сферата.
„Марили“ денеска го организира и третиот регионален бизнис форум посветен на екологијата, здравата храна и циркуларната економија.
Тема на годинашниот „Марили Бизнис форум“ е „Екологија и здрава храна – фактори за одржлив развој“. Модераторите, како и панелистите кои доаѓаат од македонски и регионални компании, во три панел сесии ќе се обидат да дадат одговори на многу прашања и да понудат нови идеи и решенија.