Одмерена, достоинствена, жена со свое јас, таква е сопругата на кандидатот за претседател д-р Арбен Таравари, Нора Таравари.
Таа е доктор на науки, во моментов вработена во Министерсвото за образование, но, како што вели, реално не се посветила како што треба на нејзиниот академски пат. Причината е иста, како и кај сите жени, невозможно е да се биде во исто време подеднакво успешен на сите полиња, а жената освен кариерата ја има обврската да биде и добра мајка, сопруга, домаќинка…
Со Нора Таравари разговаравме ден по празникот Бајрам, муабет со превкусна баклава, прсти да излижеш, во нивниот дом на тераса, која таа ја нарекува кафуле, бидејќи е збирно место на соседките за дружба и кафе муабет. Ни призна дека нејзината мајка е задолжена да правење на домашна баклава, а дека таа со свекрвата подготвувала „конак“.
А женските муабети се знае како почнуваат, со малку (о)зборување, со сериозни домаќински муабети, но и класично женски шеги. И тргна муабетот, од учењето, за децата, за бракот… И секако, за баклавата.
-Благодарение на гостиварчани, дел од еснафите секоја година, не само сега, секогаш не почестуваат со плех баклава. Претходно ритуалот на правење благо за Бајрам го правеше мојата свекрва, но со годините и јас го научив занаетот. Научив да месам татлија „конак“, по рецепт на свекрва ми. Годинава со свекрвата заедно месевме. А баклава прави мајка ми, сама ги меси корите, сама ги развива. Јас го земав теркот на свекрва ми.
Како се снаоѓавте во сите улоги?
-Арбен беше многу зафатен, а јас додека учев ни се родија и двете деца и некако не можев да ги фатам сите конци. Бидејќи не можевме двајцата подеднакво, со него се договоривме тој да оди напред, еден од нас да биде успешен, а другиот да биде успешен во сенка. Бев професор во приватна гимназија. Им бев на синовите по четири години професор. И иако се деца од исти родители многу се различни. Кога големиот син го учев на почетокот не знаеја дека сме мајка и син, но, второто донесе друг менталитет на едукација и воспитување. Он е по палав, сакаше да покаже дека сум му мајка, ме гушкаше и кај него немаше молчење. Тоа ми беше добро искуство како за родител. Но, со оценките не им попуштав. Имав колешка психолог и се консултирав со неа. И велев „ а да му ставам една оценка помала“. Таа ме караше, зошто ако знае на сопствено дете да му ставам помала оценка. Навистина гледав да бидам многу релна, објективна и навистина не сакав да ги двојам од другите. Кога имавме тестови не им помагав, мислев дека со тоа можам само да им одмогнам.
Колкава е разлика во воспитување на децата од времето и сега?
-Штета што се изместија моралните граници. Порано имаше респект и почит. Втор родител беше учителот. Јас ја паметам мојата учитека, па и ден денес и праќам пораки или поздрави. Но, денес тоа го нема. Денес родителите се поамбициозни од децата, сакаат да се фалат колку се паметни нивните деца иако детето не е толку амбициозно. Некое помодарство стана родителот да се стави пред детето. Но, од тоа имаме само паразитни деца, ги носи фортуната на животот, виорот ќе ги земе и тие не можат да се одбранат.
Секако дека сте му поддршка на сопругот, но ви пречи ли што се одалечува од вистинската професија и што е се повеќе осутен од дома?
-Искрено јас бев многу среќна жена кога работеше како лекар. Сите врати ни беа отворени, се шетавме, бевме сплотени. Со деца ќе седневме во кола и ќе одевме било каде. Тие негови конгреси, излагања ни беа и време за одмор и за дружење. Тоа време со Арбен и децата ни недостасува. Арбен одеше на предавања, а јас со децата си одевме по музеи. Навистина ни беше убаво. Сега се дружиме само ние тројца, само јас и децата. Продолживме сами да шетаме. Тој нема време, ретко кога ќе има некоја шанса да дојде.
Како реагиравте кога реши да зачекори во политиката, прво министер, па два мандати градоначалник и сега кандидат за претседател?
-Прв пат кога ми кажа дека ќе биде министер јас требаше да одам на службено патување и паметам дека целиот терк на патувањето се измести. Патувавме со деца од училиштето, а тоа се туѓи деца и голема е одговорноста. Се беше подготвено за одење кога ми се јави и ми рече ќе го именуваат за министер и дека нема да можам да патувам.
Тогаш децата му рекоа- па што имаме ние со тоа, ти ќе бидеш министер. Хахахха… Но, тоа значеше дека треба се да му се среди, секој ден различно да се облече, сето тоа требаше да се подготви за сите денови додека ќе не нема. Бидејќи ние жени за пеглање и чистење немаме, многу домаќински функционирам и, сето тоа јас го правам. .Ама тоа беше првиот шок и секако патувањето пропадна. Вториот шок беше кога ми кажа дека ќе се кандидира за градиначалник, во првиот мандат иако цело време во игра беше Снопче, кој ни е пријтел. Ми рече дека ќе оди за градоначалник… и отиде. А кампањата за првиот градоначалнички мандат беше една подла трка што ниту на најголемиот душман тоа не би го посакала. Толку валкано со толку закани по живот, дури закани и за децата. Тоа беше таков еден голем притисок. Си реков Боже кај отиде човечштвото, зарем до толку. Политиката доаѓа и заминува, мандатот доаѓа и заминува ама човекот останува и пред се треба да се остане човек. На сите им се закануваа. Па јас на тој Гостивар не знам како да му се заблагодарам. Човечштвото ќе ги памети по тој отпор што го имаа. Гостивар е таков, ако ве сака ќе ве сака, а ако не ќе ве избрише. И со Агрон зборевме дека на Гостивар многу му должиме. Вториот мандат за градоначалник беше уште еден шок за нас дома.
Си реков ајде четири години се издржа. Нели имаше пандемија, па бевме сите заедно дома. Но, кога реши и втор мандат си реков ај вториот мандат можеби ќе е полесно, ете луѓето знаат дека е чесен. Но, и вториот круг помина со закани. Па се случи втор круг на гласање, па една сизифова борба. Но, народот масовно гласаше. Колку заканите беа поголеми, толку луѓето повеќе гласаа. Гостивар е мал, сите се знаеме. Јас Скопје го сакам ама Гостивар ми е во срце. Луѓе ме среќаваа на улица и ми велеа-невесто, не се секирај и жените што никогаш не ни гласале ќе излезат да гласаат за вас“. Мислев добро, тие години се пребродија, ќе помине, децата ни пораснаа, доволно е. Но, тој дојде и вика ќе се кандидирам за претседател. Му велевме што ќе му е тоа. Тој ми одговри: „Нора и овој пат. Ова ќе биде поинаку ама ќе се изоди“. И еве одиме.
Што Ве натера во Вашата порака за „8 Март“ да зборувате за модрите, невидливите жени со, како што велите, распарана душа… Каде е жената во 21 век?
-Да, за сите жени кои ја изгубиле надежта и насмевката, невидливите траги од пудра, распараната душа што ја имаат, а мора да ја стегнат за да го продолжат животот понатаму. За жал ние сме многу назад. Иако јас не можам да се пожалам. Со Арбен имам убав живот. Арбен за секоја годишнина ми купува подароци, додуша сама си бирам ама тој плаќа. Еднаш во златара во Тасос ми се допадна прстен, кој мислев дека е илјада евра. И се запнав да го земам. Тој ми вели -абе кола ќе купиш за овој прстен. Јас тогаш сватив дека прстенот е 10.000 евра. Нормално, се предомислив. Хахахахах…
Каков е како сопруг, памети годишници, родендени, знае да биде романтичен?
-Да, да, знае од Фејсбук, има потсетник. Хаххаха. Не е романтичен тип, да дојде со цвеќе. Но, има и луѓе кои не купуваат цвеќе само на сопствените жени… Хахаха.. Мене во 2010 година ми дијагностицираа ретка болест која се појавува кај возрасни, но ете мене ми се појави на 30 години. Животниот партнер ќе го видите во такви ситуации. Кога се венчавате ве прашуваат и во добро и во зло. Ама во добро секој е добар. Но, кога ќе ви се сруши светот, а имате многу мечти и сониша, и не гледате ништо, тогаш ќе го видите партнерот каков е.
Како реагираше Вашиот сопруг тогаш?
-Тој за кусо врмее ослабе осум килограми, а јас не ослабев ни грам од стрес. Отиде на сите блиски им рече: Многу сум загрижен, Нора е болна. Татко ми е тип што од време на време знае да ме праша „како ти е со Арбен, како ви е бракот“. Му велев: „мајка ми да го родеше немаше да биде таков“. Арбен е душа од човек, полн со разбирање, со емпатија. Разбира кога неможеш, кога немаш волја за ништо.Кога не му е испеглана кошулата нема да се налути, ќе рече ок е и ќе земе нешто друго. Многу е важно кога мажот влегува во куќа се да е мирно, да нема кавги, галами, понижувања и навреди. Јас сум среќна жена што Господ предодредил да имам човек кој има разбирање за се. Со децата студирав, магистрирав, докторирав, сум имала улога на невеста, снаа, домаќинка, сопруга и цело време сум работела. Секогаш имал разбирање. Сме поминале мирен и убав живот полн со почит. Тој глас не дигнал на мене а не рака. Арбен не е романтичен тип, срамежлив е ама секогаш сака да купува убав подарок. И секогаш прашува.
Еве кога требаше да купи кола ме праша каква кола јас би купила. Јас онака реков „волво“. И се врати со „волво“. Позајмил пари од татко му да го доплати и го донесе. Но, има многу ситни работи кои го чинат животот. Луѓето имаат големи куќи, големи мисли, но малите работи ја носат среќата. Секако дека Арбен има маани, па сите имаме. Ама јас сум среќна што никогаш не нашол маана на ручекот, никогаш не се налутил ако немало ручек. Арбен од мене побарал само едно- да му ги почитувам родителите. Тоа му е аманет. Мене Арбен никогаш не ми ги пресекол крилјата. Сум имала своја визија и било така како што сум сакала. Смирен е, не е човек од акција, но и не е човек кој гуши или зановета и многу е прилагодлив. Заедно возиме точак, пешачиме. Кујна не сака, никогаш не готвел и не сака да научи. Но, тоа не е никаков проблем.
Таравари рече дека дома сте министер за финансии? Како се снаоѓате?
-Домаќинлакот го прават двајцата, но во никој случај тоа не е мажот, бидејќи е отсутен од дома. Израснав во семејство каде татко ми беше задолжен за тоа. Се омажив за Арбен, семејство каде што исто така таткото бил задолжен за новчаникот. Јас бев млада мажена кога тој наеднаш се ми даде на тацна. Ми рече- Нора ти ќе се грижеш за овој дел. Од една средина каде мажот го носел бајракот, да дојдеш и да го превземеш бајракот и на таткото и на свекорот беше многу чудо. Но, Арбен е кроток човек, ги подели обврските. Ете, така е, за сите финансии, за домашниот буџет јас сум задолжена. Кога ќе речам нема тие сите се вртат кон мене и велат- како нема, ајде вади од твојот црн фонд. Хахахахха… Навистина функцинален брак имаме. Јас никогаш не сум сокрила од него што и да купам, чевли, чанта или било што. Тој, пак, секогаш има грижа на совест ако јаде надвор, а не јадеме заедно. Арбен не е тип што помага дома, но не е тип и што одмага. Јас се грижам за се сама, освен кога треба да се прави генералка на куќата. Не живеам јас во делата на Тони Морисон, сите сме подеднакво родени. Се развивавме како луѓе еден со друг. Јас одсекогаш сум сакала да носи розева кошула, а тој во мојата гардероба никогаш не се меша. Ниту дали било кратко, ниту дали било отворено. Како млада сум се облекувала поразголено, но, кога ќе дојдат годините сам знаеш што треба да облечеш.
Како Ве запроси?
-Со Арбен се запознавме во слаткара во Гостивар. Два пати излеговме и од третиот веќе станавме дечко и девојка. Се забавуваме две ипол години. Запросување немаше. Тогаш не запросуваа, тоа сега стана помодарство, да клекне некој. Ама имавме убава врска и немавме кавги. Кога решиме да се земеме тој беше на крај на студиите, а јас уште студирав, имав само 20 години. Беше шок за моите родители. Потоа се роди Астрид, па по 7.5 години се роди Арбин. Навистина имаме фин, мирен, исполнет живот. Ете завршив едно од најголемите прашања на нашето опшество, да се мажиш. Хахахах.
Кои се Вашите очекувања? Подготвени ли сте да го напуштите домот и да се преселите во вилата на Водно?
-Јас очекувам и сакам втор круг, друга цел немам. Ако се случи не знам дали сум подготвена. Но, искрено такви промени некако не сакам, да одам некаде, а некој да не следи. Дома ми е убаво, можеби Водно ќе се пресели во Тафталиџе. Хахахаха… Искрено моја куќа да си оставам, па да одам да живеам под команда и друг да ми готви… Навистина не знам… Некако многу ќе ми дојде. Не сум го размислувала како момент, некако тоа ми е многу далеку. Најверојатно е многу тешко човек да се отсели од дома, да отиде во туѓ објект. Мене домот ми е кафуле, ми идат соседите , си пиеме кафе на балкон. Многу голема промена е да оставиме се и да заминеме на друго место. Политиката доаѓа и си заминува,ама треба да се остане човек. Јас нема да го заборавам моментот кога Арбен беше болен од ковид. Дворот ми беше полн со мед, со млеко од коза, со други јадења. Луѓе кои не ги познавам ми велеа- невесто, за детето носиме, да оздрави. Арбен го викаа дете. Е ова не се плаќа со ништо, за цел животен век ќе трае. Искрено сакав Арбен да биде само лекар. Политиката е нечесна, колку и да си чесен.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Танровски