Сточарите бараат слобода на пазарот за псламан на јагнињата за да остварат реална цена. Законот за субвенционирање кој предвидува по 1000 денари од предадено јагне, ама само на кланиците, е дестимулирачки и му штети на овчарството кое континурирано бележи пад на фондот на овци во земјава и на интерес за овчарството. Ова го нагласува Марјан Стојаноски, сточар од селото Новоселани, општина Долнени кој е и потпретседател на здружението за одгледување овци „Орлови бари“ од Пелагонија.
Состојбите што ги имаат сточарите, Стојаноски ги илустрира преку својот пример.
Тој 24 години купува и одгледува јагниња и вели дека за првпат му останале непродадени јагнињата. Кога ги барале кланиците биле мали, сега се прераснати и за цена од околу 200 денари за килограм не сака да ги продаде. Такви случаи, вели има многу.
-Во овој период состојбата е многу тешка. За католичкиот Велигден откупната цена за малото јагне беше 230 денари за килограм. Моите јагниња беа големи, а се бараше мало јагне. Сега се бориме, ги храниме, ама сега нема откуп. А за нашиот Велигден, кому ќе му ги дадам овие јагниња по 30-40 килограми? Имам останато околу 170 јагниња. Кланиците сега нема да ги земат, а мора да ги дадам во кланица под цена за да земам субвенции. Ако ги дадам „на приватно“, нема да земам субвенции. Не можам приватно да ги продадам по 260-270 денари, зашто нема да земам субвенции. Вакви случаи во Македонија има многу. На многумина им останаа јагнињата. Ако немаш продадено јагне, нема ниту да предадеш млеко во млекарница, вели Стојаноски.
Нема работници да помогнат.. И фамилијарниот ангажман од утро до полноќ не дава резултати. Се бара слободен пазар и цената да не биде под 5 до 6 евра за килограм жива мера.
-Ние како сточари не сакаме субвенции за предадено јагне, туку да си ја постигнеме реалната цена на пазарот. Да ни се плати трудот. На пример, под 5 до 6 евра да не биде пониска откупната цена. Кај мене 5 тони јагнешко има непродадено, и со 200 денари за килограм сум целосно во загуба. А 24 денари плаќам за килограм концентрат. Дневно, трошоците не се пониски од 7000 денари за прехраната. Не мислам да ги продадам. Ако добијам цена, во ред, ако не, нема да ги дадам. Го загубив млекото, а сега ќе загубам и на јагнињата што не се продадени, а за 200 до 210 денари не ги давам. Државата не го поддржува сточарството, а ние сакаме да работиме. Многу се намалува сточниот фонд. Немам слушнато нов сточар да купи овци веќе 15-20 години, сите ги продаваат, смета сточарот Марјан Стојаноски од селото Новоселани, општина Долнени.
Според Заводот за статистика бројот на овци во земјава лани, во споредба со 2022 година е намален за 9,2 проценти, а производството на овчко млеко за 20,5 проценти.
МИА