Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески од овој месец добиваат повисоки професорски плати во УКИМ во просек за 22 отсто, со што нивните плати достигнуваат и до 88 илјади денари.
Мицкоски и Славески се политичарите кои редовно ги критикуваат политиките на владата за раст на платите, а своевремено професорот Славески ја критикуваше и политиката на раст на минималната плата.
„Вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основ на плата за околу 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од март, кога е предвидено зголемување на минималната плата во државата. Станува збор за обврска согласно колективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија како основач на високообразовната установа, а чија цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на универзитетот“, информира МОН.
Покачувањето на платите на професорите на УКИМ, значи дека и Мицкоски и Славески во својот буџет ќе ги почувствуваат бенефитите од економските политики на владата за раст на платите во државата.
Но дури и кога се споредува куповната моќ на платите, се забележува дека таа е сега поголема, отколку во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Со минималната плата од 130 евра во 2012 година, беа потребни четири минимални плати за покривање на минималната синдикална кошничка од 520 евра. Додека во ноември 2023 година, последниот месец по кој минималната синдикална кошничка се пресметуваше според таа методологија беа потребни 2,3 минимални плати за покривање на истата.
Постојаниот раст на платите и овие податоци покажуваат дека Мицкоски и Славески сега имаат повисоки плати, кои вредат повеќе, но за политички поени ги критикуваат економските мерки кои помагаат на граѓаните да живеат поудобен живот.