Секогаш дотеран и смирен, таков е на јавните настапи Иван Јорданов, градоначалникот на Штип. Од првиот ден кога ја презеде функцијата, па до денес, тој е одмерен во своите јавни настапи и секогаш стокмен според приликите.
Но, кој е Јорданов кога ќе заврши работниот ден, кога не треба пред камери сериозноста и насмевката да бидат планирани, кога не треба да биде во костум и вратоврски, кога треба да биде сопруг и татко. Има ли време за себе, за спорт, за релаксација. Ги почитува ли семејните традиции, верува ли дека паричката за Бадник носи среќа, пости ли….
Не навикнат на ваков тип разговори, Јорданов на интервју по работното време се појави во спортска гардероба, но остана тивок и смирен, каков што сме навикнале да го гледаме во јавните настапи. И како за штипјанец не може да се почне разговорот без да се спомене познатата пастрмајлија, која баш не одговара за оние кои внимаваат на линијата и на божикните празници, кои пред сѐ се посветени на семејството..
-Не е можно Штип без пастрмајлија, тоа е традиција. Секако дека и во моето семејство се јаде често, пред сѐ кога месеците дозволуваат. Во Штип велиме дека пастрмајлија се јаде во месеците во кои има Р. Во моето семејство, а верувам и во сите штипски семејства најчесто се јаде во недела кога сите сме дома, но понекогаш и во текот на неделата. За среќа не водам некој режим на исхрана. Генетски немам предизпозиции за да ги качувам килограмите, најчесто јадам она што ми е убаво во моментот. Единствено нешто кое може да се каже дека е во насока на одржување на линија е што секоја среда и петок постам и се трудам да ги постам и божиќикните и велигденските пости и да се причестам. Но, во последно време не толку често, бидејќи немам духовен отец во моментов, а тоа е еден од моментите кој е услов за причестување. Ги почитувам сите верски празници и еве паричката за Бадник се падна во Господ, вели Јорданов.
Откако е на функција секогаш се појавува комплетен, од избор на костуми, вратоврски, до средената брада. Ова особено е за пофалба, бидејќи, како што ни откри, сам се грижи за својот изглед.
-Носителите на јавна функција се нормални луѓе, но можеби заради работните обврски е изоставен оној приватниот дел од животот. Јас и како градоначалник се трудам да бидам ист, односно да го поминам приватниот и слободниот дел од времето како и останатите сограѓани, на сличен начин како што сум функционирал и претходно, пред да бидам градоначалник. Можеби има одредени разлики, особено заради кодексот на однесување почесто сум во костуми, но приватно се трудам да се облекувам и однесувам како и секој нормален човек на тие години, рече тој и додаде:
-Со оглед на тоа што сѐ уште сум релативно млад голем дел од облеката бара да имам поинаков тип на чевли иако имам и класични, оние што ги носам додека сум на работа. Имам и патики, бидејки и во работно време посетуваме одредени населби и имаме активности во места кои бараат да бидам малку повеќе спортски облечен. Сѐ во завистност од средината. Кога сум на терен подобро ми е кога сум спортски облечен, тоа го бара средината, за разлика од некои протоколарни настани каде повеќе се чувствувам комотен во костум. Сѐ зависи од настанот каде треба да се појавам, вели тој.
Колку и да е сериозно облечен, сепак, тој е човек од спортот, тренирал кошарка и нормално е во гардероберот да има повеќе спортска облека.
-Една година пред да станам градоначалник јас бев пратеник, а пред да станам пратеник седум години бев советник во Општина Штип. Можеби не до овој степен, но и тогаш имав потреба од таква гардероба, таков стил. Затоа и кога станав градоначалник не морав да докупувам сериозна гардероба, бидејќи во текот на годините веќе имав купено, откри Јорданов.
Бидејќи спортувањето е најважниот составен дел од живеењето, Јорданов е вистинскиот човек на кого треба да му се упати прашање- има ли Штип доволно место за спортување и што му недостасува?
-За себе не можам да кажам дека го користам времето рационално за спортување, бидејќи надвор од работните обврски времето го користам за средби со пријатели, за пешачење, за дома. Јас пред да станам градоналалник повеќепати кажував дека Штип е центар на Источна Македонија и дека му недостасуваат социјални содржини. До пред извесно време Штип немаше кино, велосипедска и пешачка патека, големи трговски центри. Содржини кои во поголемите урбани средини луѓето се навикнати да ги имаат за да го потрошат слободното време со семејството или пријателите. Направивме едно мало катче наречено ЗОО парк, за сите кои се љубители на животните, кој ги анимира не само децата туку и повозрасните. Направивме пешачка и велосипедска патека за да можат штипјани да се рекреираат. Не само денски туку и навечер, бидејќи е осветлена. Му недостасуваат и други содржини, но се надевам во периодот кој следи Штип ќе ги добие и тие содржини и да го добие приматот центар на Истокот.
Заштитен знак на Јорданов не е само правилниот избор на гардероба, туку и неговата брада, која секогаш е средена. Но, ако за средување на жените пред рбота им е потребно долго време, за мажите тоа е сосема поинаку. Јорданов вели дека нему му се потребни само 10-тина минути.
-Изборот на гардероба најчесто го правам сам, но има моменти кога се консултирам со сопругата или со брат ми. Но, најчесто сам одлучувам и сам пазарувам. Обично сами на себе си наоѓаме маани и си ги знаеме. Не би рекол дека секогаш најидеално сум среден, бидејќи поради обврските потребното време за подготовка предизвикува не толку средено се појавиме на некој настан. Но, се трудам да бидам нормален, да имам време сам за себе и да градам свој имиџ. Немам посебни навики или начини на кратење брада или козметика на лице. Редовно посетувам бербер, а 10-тина минути пред работа ми е доволно за да се средам, ни рече тој.
Политика, олитика и комунални проблеми, со ова секој ден се „бомбардирани“ сите градоначалници, па и тој. Оттаму и прашањето што е она што го релаксира и смирува откако ќе излезе од работа по напорен и стресен ден.
-Најчесто ме прави среќен периодот по работното време кога ќе се решат одредени проблеми на кои сме работеле во текот на денот. Самиот систем во кој функционираме е метастазиран со различни проблеми кои го отежнуваат функционирањето. Кај мене расположението зависи од проблемите со кои се среќавам секојдневно а највеќе ме релаксира кога на крајот од денот знаеш дека нешто си постигнал, сте го релизирале онака како што сте планирале. Доста често се случува едно да планирате, а сосема друго да излезе, без разлика колку труд ќе вложите и затоа се радувам кога на крајот од работното време ќе ги сублимирам резултатите во текот на денот и ќе заклучам дека е направено нешто онака како што е планирано. Мене најчесто од ова ми зависи расположението. А секој ден е различен што ме опушта. Некогаш пешачење, некогаш кафе муабет по работа, некогаш и вечера со најблиските, зависи од околностите и од самиот ден. Најмногу ми е жал кога проблемите од работа ги носам дома, а ги носам. Немам определено работно време и резервирани часови за рекреација или за семејството. Сѐ зависи. Некогаш се случува со денови да немам време за приватност што ми е многу жал, ни рече тој и додаде:
-Шест години сум во брак со Стефанија и имаме ќеркичка од три години. Крајот на денот секогаш е резервиран за семејството, особено Ангела. Се трудам слободното време да го поминам со неа иако знам дека не е доволно, бидејки обврските и приоритетите се пречка да одвоиме време за семејството и за децата. Можеби од друга времена дистанца поинаку би постапувале, но таков е животот и секогаш кратиме од времето за семејството.
Голема среќа е што мојата сопруга и родителите одвојуваат време да го трасираат патот на Ангела и се надевам дека периодот кој ќе следи, особено празнициве ќе одвојам доволно време за да го посветам на неа. Татковството е најубавото нешто и како и сите, ме смени и мене. Го имам сменето карактерот пред и по Ангела. Не дека водам некаков поинакво начин на живот, но сепак одговорноста и самата мисла дека мора времето и животот да го посветиме за нашите деца е нешто кое влијае на карактерот. Да им го трасираме патот на децата на најправилен начин, рече Јорданов и на младите им порача:
-Навистина сакам да им порачам да веруваат во себе, да ја потрошат енергијата која ја имаат на развој на самите себе како личности и да знаат дека сетоа она што ни е достапно не значи дека треба да се проба, советува тој, кој со неговите 35 години е релативно млад и успешен.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски