Ургенции, протекции, клиентелизам, со овие задкулисни правила на игра граѓаните се соочуваат секојдневно посебно кога треба да добијат пристап до која било јавна услуга, иако правните норми пропишуваат да има еднаков третман за сите.
Бркаме врски кога треба да го вакцинираме детето, кога треба да го запишеме во градинка, на училиште, на факултет, кога бараме работа, кога треба да извадиме важни документи, кога треба не дај боже да одиме на лекар… – сѐ се врти околи клучната препорака „фаќај врски и бркај работа“.
Токму со вакви клиентелистички совети се соочуваат родители кои не успеаја и оваа година да ги запишат своите деца во градинките во Скопје. Но, проблемот со недостиг на слободни места не е само во главниот град, со години наназад таква мака имаат родители од речиси сите градови во земјава.
Во Скопје, како што велат родители за ММС, дополнително се искомплицирал проблемот, откако некои општини забраниле во градинките да се запишуваат деца кои немаат место на живеење во таа општина. На пример ако живеете во Чаир, Бутел или Ѓорче Петров не може вашето дете да го запишете во детска градинка во Аеродром, иако можеби токму таму е посоодветно и попрактично за родителот чие работно место е во таа општина.
„Јавна тајна е дека запишувањето на дете во градинка во Скопје е невозможно без врски. Ние поднесовме апликација за нашето дете да биде примено во градинка еден месец откако се роди бидејќи знаеме дека листите на чекање се долги и ќе биде предоцна да аплицираме кога ќе наполни седум или осум месеци. Повеќето што ги познаваме во нашето опкружување ги запишаа децата со врски и пријатели не советуваа да бараме врски сегде каде можеме – во министерство, во Општина, кај градоначалникот, кај воспитувачки во градинката. Буквално сегде, па каде запали таму. На крај, успеавме да го запишеме детето бидејќи преку познаници фативме врски во општината“, вели мајка од една скопска општина која сакаше да остане анонимна.
Родителите велат дека одговорните треба да ги анализираат и препораките за сместување на дете во градинка, а според кои приоритет имаат двајца вработени родители. Тоа, како што ни појаснуваат, е разбирливо од аспект на згрижување на детето во градинка, но е проблем за родителот кој не работи, а сака да најде работа, но не може ако нема кој да го чува детето. Тешко на тие што немаат баба и дедо, а ни пари за дадилка.
– Јасно ми е дека за да го сместат моето дете во градинка, треба и јас и мојот сопруг да сме вработени, но како да барам работа, кога детето нема кој да го чува, а во градинка не го примаат затоа што сум невработена, што според нив подразбира дека има кој да се грижи за детето – вели мајка од Скопје.
Наспроти овие загрижувачки сведочења на родителите во Министерството за труд и социјална политика за ММС имаат оптимистички најави:
„Министерството за труд и социјална политика постојано работи на отворање на нови капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во сите општини, села и населени места каде што има таква потреба. Интенцијата е да се шири мрежата на јавни и приватни установи за да постигнеме што поголем опфат на деца во предучилишното образование“, велат од ресорното министерство.
Оваа заложба за проширување на капацитетите за сместување на деца од предшколска возраст Министерството ја поткрепува и со бројка од новоотворени градинки. ММС побара податоци од 2017 година досега.
„Од почетокот на мандатот на Владата на РСМ, отворени се вкупно 83 објекти, групи во други просторни услови кои се распределени во 13 нови Јавни установи за деца-детски градинки, 39 нови објекти во рамки на постојните Јавни установи како и 31 нови групи (промена на просторни услови во постоечки објекти – се зголемува капацитет за згрижување и групи во други просторни услови). Со отворање на овие капацитети всушност отворени се 7964 места за згрижување на деца од предучилишна возраст ширум државата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму, за ММС, откриваат дека планирано е да се отворат дополнителни капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст во следниве општини Кочани, Василево, Прилеп, Велес, Арачиново, Липково, Росоман, Чаир, Свети Николе, Гостивар, Делчево, Битола, Карбинци, Дебар, Могила, Гевгелија, Тетово и Теарце.
С.Митревска