Уште две нови меѓународни награди освои овој месец најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, а неговиот најнов филм „Кајмак” продолжува со фестивалските прикажувања и кинопремиери низ Европа.
Манчевски ја доби Наградата за достигнувања во филмот на фестивалот БАНЕФ во Стокхолм, кој во образложението истакна:
„Милчо Манчевски ја добива фестивалската награда за неговите филмски остварувања, за создавање слики кои постојано ги доведуваат во прашање границите на жанровите, со избегнување конвенции, што кинестетички го канонизира како американски режисер во Европа”. Фестивалот вели и дека „Кајмак” ги прикажува жените поослободени, похрабри, понезависни, додека сурогат мајките станаа вообичаен феномен”.
Манчевски е годинешен лауреат и на фестивалот Прв кадар во Зворник, БиХ, кој му додели Плакета за придонес во развојот и промоцијата на кинематографијата во регионот. Вечерва „Кајмак” ќе го отвори фестивалот, а пред публиката ќе се претстават главните актери Ана Стојановска и Александар Микиќ.
„Убаво е кога се мешаат различни култури, кога луѓе во други држави ќе се радуваат на македонска уметност, со наши актери, наши филмаџии, на македонски… Во уметноста нема мали и големи земји, има мали и големи дела”, изјави режисерот Манчевски.
Истовремено, „Кајмак” вечерва ќе се прикаже и на фестивалот ЕНФФ во Хаг, Холандија, а во разговор со публиката ќе го претстават режисерот Манчевски и продуцентот Јане Ќортошев и копродуцентките Елс Ванде Ворст и Изабела Депевег. Веднаш по фестивалската проекција ќе почне и кино прикажувањето на филмот низ Холандија.
Огромен интерес владее и за прикажувањето на „Кајмак” во Лондон, каде картите за проекцијата на 29 ноември за распродадени за многу кратко време. На барање на Македонската амбасада, „Кајмак” ќе се прикажува во Лондон за студентите и поширокиот академски аудиториум на University College London, а потоа Манчевски ќе има и разговор со публиката.
„Кајмак” следната 2024 година ја стартува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.
Покрај фестивалската турнеја со „Кајмак”, минатиот месец во Толедо, Шпанија Манчевски одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и шпанскиот Универзитет на Кастилја-Ла Манча. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастеркласови на фестивалите низ светот, од Токио, преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката.
„Кајмак” кој досега освои шест фестивалски награди, е еден од македонските филмови со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак”, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.
„Кајмак” беше најгледан филм во Македонија минатата година.
Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак” и „Збогум, Копакабано!” (работен наслов „Биста”). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) минатата недела побара од Владата да го разреши директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, а од Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари.–