Градоначалничката Данела Арсовска учествуваше во еко акција за садење во парк шумата Водно со цел зазеленување, пошумување и зголемување на шумскиот фонд – се пофалија неодамна од Одделението за односи со јавност во Град Скопје. Садењето дрвја и уредувањето нови паркови површини беа и дел од аргументите со кои во предизборието во 2021 година, Арсовска се бореше да добие глас повеќе.
Две години подоцна, главниот град е заглавен во урбаниот хаос кој кубури со зелени површини и покрај нивното несомнено значење за квалитетот на живот на граѓаните.
Проектите кои требаше да го претворат Скопје во зелен и чист град не се најдоа меѓу приоритетите на Арсовска, за чии ветувања сега речиси и да не се знае ништо. Најавите за 100.000 новозасадени дрвја годишно се сведени на повремени „штури“ соопштенија за акции за пошумување, но во отсуство на транспарентност, не се знае дали градоначалничката си го одржа зборот кој го даде кога се стремеше да дојде на функцијата во Град Скопје.
„Нема компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните, нема компромиси наместо зеленило да се градат згради кога Скопје е еден од најзагадените градови“, децидна беше Арсовска на прес конференцијата што ја одржа на почетокот на октомври 2021 говорејќи за проектите предвидени во нејзината тогашна програма „За модерно Скопје“.
Програмата од безмалку 70 страници содржеше и таканаречен Нов зелен план со кој Арсовска се обврза годишно да сади по 100.000 нови дрвја со цел, градот слободно да дише. Иако веќе помина половина од нејзиниот мандат, предизборното ветување за новозасадените дрвја, како и низа други ветувања, останува енигма.
Дали и колку дрвја се засадени, на кои локации и за колку пари – се само дел од прашањата на кои нашата редакција не успеа да добие одговор од тимот за односи со јавноста кој како по обичај, се дистанцира од комуникација со медиумите отежнувајќи го информирањето на граѓаните за прашањата кои ги засегаат. Но не се само медиумите тие за кои информациите се чуваат во тајност. Советниците велат дека на почетокот на мандатот имале добра комуникација со градската администрација, меѓутоа во последната година сето тоа е многу отежнато.
„Распрашајте се во соодветните сектори“ – Ни советниците немаат информации до каде се најавените проекти во Град Скопје
Во обид да дознаеме до каде е реализацијата на ветувањето за 100.000 новозасадени дрвја на годишно ниво, разговаравме со дел од советниците.
Советничката Марија Андоновска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека воопшто не знаат до каде е реализацијата не само на овој, туку и на останатите проекти од областа на животната средина. Во изјава за ММС, Андоновска објаснува дека таа и другите советници од коалицијата поднеле амандман за да се издвојат дополнителни средства за нови садници, а иако амандманот бил прифатен, тие не знаат до каде е неговата реализација.
„За жал, ние немаме информации до каде е реализацијата на проектите. Она што го знаеме е дека во буџетот за оваа година ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесовме амандман со којшто издвојувавме дополнителни средства за овие 100.000 дрвја коишто беа во програмата. Сметавме дека оние средства коишто се предложени не се доволни и одвоивме дополнителни средства со што сакавме да ја поттикнеме реализацијата. Ние како Совет носиме одлуки, но реализацијата е на градоначалничката Арсовска и на Градот Скопје. Со самиот амандман и со поднесувањето на амандманот сакавме да мотивираме сето тоа да биде побрзо реализирано“, ни изјави Андоновска.
Советникот Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“ посочува дека неколку пати ја замолиле градската администрација да им доставува извештаи за реализацијата на проектите, но одговорот бил дека ако се интересираат, треба да се распрашаат во соодветните сектори.
„Дури и тоа кога го правиме, иако не би требало, не добиваме одговори. Со други зборови, може се засадени 200.000 дрвја, може се засадени 20, немам начин како тоа да го дознаам, ниту јас, ниту другите советници“, вели Јовановски во изјава за ММС.
Андоновска пак, дошла до неофицијални информации кои говорат дека во август бил распишан тендер од 59 милиони денари за набавка на дрвца, засадени на несоодветни места.
„Потенцирам дека тендерот е распишан во август бидејќи и оние кои се непознавачи знаат дека дрвца во август не се садат. Овие дрвца, според информациите коишто ги добиваме, а се неофицијални, се преплатени и не само што се преплатени туку тие се садени на места каде што нема услови за да бидат садени“, тврди Андоновска.
Таа вели дека немаат информација дали и колку дрвца се доставени од одбраната надворешна фирма, бидејќи тие не потекнуваат од Паркови и зеленило.
„Не знаеме ниту колку дрвца се засадени. Дел видовме дека се засадени, ама тоа беа многу мал дел од дрвата што ние видовме дека се садат. Ние исто така се прашуваме дали е добиена конечната бројка на дрва, каде се засадени, колку успеале, бидејќи вака во недостиг на информации кај сите нас се предизвикува сомнеж дека можеби е настаната некаква злоупотреба на средствата и на целата процедура. Немам официјална информација, издвоени се средства и тие се потрошени, но дали овие дрва се навистина насадени и зошто во период кога не се прави тоа, тоа треба да ни одговори Арсовска“, додава советничката Андоновска.
Од кабинетот на скопската градоначалничка не одговорија ниту на нашите новинарски прашања колку средства и официјално биле буџетирани во 2023 или се предвидена за 2024 за садење на нови дрвја и што всушност, е предвидено да се преземе во оваа насока до крајот на мандатот. Ваквиот молк не изненадува ако се земе предвид и ставот на советникот Јовановски дека секторите се затворени за соработка со советниците.
„Комуникацијата е сведена на официјално ниво преку претседателот на советот, а дури и оние проекти за кои Советот обезбедил буџет, не се реализираат“, нагласува Јовановски.
Зеленилото како „клуч“ за поздрав живот во градот
Инаку, засадувањето на сто илјади нови дрвја годишно беше наведено како стратешки проект во програмата на актуелната градоначалничка, која покрај ова, ветуваше и пролетни и есенски акции за пошумување со вработените во градската администрација и сите градски претпријатија, училиштата во градот, партнерските граѓански организации, општествено одговорните компании и сите заинтересирани граѓани. Колку од овие акции се спроведени и кој сѐ учествувал во нив официјално не се знае, но одвреме-навреме до јавноста пристигнуваат соопштенија за вакви акции без да се наведат повеќе детали.
Учеството на градската администација во акциите за пошумување сепак, е и повеќе од добредојдено за да се даде позитивен пример пред граѓаните – сметаат од граѓанскиот сектор кој одблизу ги следи предизвиците во областа на животната средина.
Екоактивистката Татјана Чакулев од О2 иницијатива, вели дека потребно е општинската администрација редовно да врши акции на пошумување во тек на годината, но уште поважно е да се насадат соодветни видови кои ќе се отпорни на климатските услови и болестите и кои ќе апсорбираат што повеќе од загадувачките супстанции во воздухот.
„Потребно е да се садат повозрасни дрвја, да не се само тенки стебленца и истите да не се исушат, зашто не се полевале редовно. Поставување на систем за полевање е потребно покрај садењето на нови дрвја и други типови на зеленило, за да се обезбеди нивниот опстанок“, вели Чакулев за ММС.
Според неа, најпотребно е новите дрвја да се засадат во деловите од градот каде што има најмалку зеленило, како Шуто Оризари, делови од Чаир, Центар и Карпош, Кисела Вода и онаму каде имаме топлотни урбани острови.
„Потребно е да се садат дрвореди по улиците и булеварите, за формирање на зелени коридори низ градот, но исто така потребно е и пошумување на ерозивните подрачја на Водно и Скопска Црна Гора“, смета Чакулев.
И покрај важноста на зеленилото за здрав живот во главниот град и неговата моќ да апсорбира дел од загадувањето кое во Скопје достигнува и до енормно високи граници, Чакулев вели дека го немаме доволно.
Садењето 100.000 нови дрвја – „невозможна мисија“, а веќе засадените се исушени
Со оглед на тоа дека ветувањето на Арсовска се однесуваше на 100.000 новозасадени дрвја во околината на Скопје, побаравме и експертско мислење – дали е изводливо да се садат волку дрвја секоја година околу нашиот главен град.
Нашата соговорничка, професорката Дана Дина Колевска предупредува дека вакво нешто е невозможна мисија, особено ако под садење на „дрво“ се подразбира садење на садница со висина од околу три метри.
-Садење на толку големи садници (за споредба, во зелените површини се садат и грмушки со висина околу 0.5-1 м, разни видови на цвеќиња и секако, тревници) претставува најскапа активност, со најнеизвесен исход. Сведоци сме на садење на „дрва“ во парковите во градските зелените површини (паркови, булеварско зеленило и така натаму) кои поради бројни причини се исушени (неквалитетен саден материјал, грешки при садење, недоволно наводнување на растенијата, оштетувања направени при косење на тревата, заболувања од сонце итн.) Секое големо дрво кое ќе се засади во зелените површини, покрај предуслов на квалитетен саден материјал и најстручно и најквалитетно садење, бара најинтензивна нега и одгледување во наредните пет до десет години, особено сега, кога силно ги чувствуваме климатските промени и сите негативни последици од нив – порачува проф. д-р Дана Дина Колевска од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Скопје.
Според неа, во Скопје годишно не се садат повеќе од неколку илјади дрвја и грмушки.
-Во исто време, високиот процент на сушење на растенијата, засадени во зелените површини во градот, сведочи дека во срцето на градот „нешто“ потфрлува во целиот „ланец“ на поврзани активности при садење на дрва – забележува професорката.
„Оттука, садење на сто илјади садници во околината на Скопје (каде и да е тоа планирано) претставувам, значи уште помал квалитет, помал надзор, помало присуство на луѓе кои би требале да ја извршуваат потребната нега и со самото тоа неизбежно сушење на дрвјата. Со огромни финансиски загуби, од џеповите на граѓаните на Скопје“, додава нашата соговорничка.
Сепак, таа потенцира дека доколку научиме како да ги садиме правилно и како квалитетно да ги одгледуваме садниците (било дрвја, грмушки или цвеќиња), бенефитот од ново подигнати зелени површини ќе го чувствуваат сите во градот.
Впрочем, како што вели Колевска, вложувањето во нови зелени површини би можело да го подобри квалитетот на живеење во секој град затоа што токму тие се есенцијални за опастанок на човекот.
„Таму каде што шумите останаа и опстанаа, во нив и од нив и денеска живеат цели народи, барем тие што беа доволно мудри да ја сфатат нивната улога и да се изборат за нивно зачувување, правилно стопанисување со нив и заштита“, вели професорката која и стручно доловува зошто зелените површини се мултифункционални.
„Зелените површини, во некоја поетска смисла, можеме да ги поистоветиме со лекарска или психолошка ординација, со концертна сала, со изложбен салон, со кино, со спортска сала…. Зошто? Затоа што во зелените површини можеме да го најдеме сѐто она што го бараме кај лекар – чист воздух и вода, регенарција на сите сетила; кај психотерапевт – разговор, смирување на умот; во концертна сала – соло и хорски изведби на птиците; во изложбен салон – природни поставки на слики и скулптури во сите стилови, големини и бои; во кино – бескраен филм со најфантастични пејсажи, со најразлични „глумци“ и најдраматични заплети; во спортска сала – справи за вежбање, „партер“ за гимнастика или јога, за трчање..“, објаснува Колевска.
Според неа, мултифункционалноста на зелените површини произлегува од способноста во исто време да регулираат, ублажуваат, самообновуваат и коригираат процеси, појави и случувања кои настануваат во нив, да пружаат материјални и нематеријални добра и придобивки, да нѐ штитат, зајакнуваат и усреќуваат.
„За градските средини и за луѓето што живеат во нив, како најважни се сметаат санитарните и архитектенско-урбанистичките функции на зелените површини, кои имаат огромно влијание врз подобрување на квалитетот на животот, здравјето, работната способност, среќата и просперитетот на жителите на урбаните средини. Освен тоа, тие ги задоволуваат и естетските и психолошките потреби на населението, што е исто така од големо значење“, потенцира професорката.
Таа вели дека климатските услови во големите градови се понеповолни во споредба со околните предели, па растенијата во зелените површини имаат способност да ја регулираат температурата на воздухот и лете и зиме, а благодарение на нивните физиолошки процеси, го зголемуваат и количеството на кислород со што го намалуваат СО2 во воздухот.
„Една од најважните санитарни функции на зелените површини е прочистување на воздухот. Атмосферата на населените места, особено на големите градови, е загадена од различни извори. Загадувањето на атмосферата се случува од црвсти и гасовити материи, примарни и секундарни, неоргански и органски. Еден од загадувачите кој е во постојан пораст е смогот од автомобилите и загревањето на домаќинствата во зима со материјали кои силно го загадуваат воздухот. Некои растенија имаат способност да ги апсорбираат штетните загадувачи без посебни штети по нив, додека други се неотпорни на разни видови аерозагадување. Растенијата ги задржуваат како цврстите, така и гасовитите материи. Со зголемување на зелената површина расте и ефектот на задржување на штетните материи врз растенијата“, вели професорката.
Понатаму, таа објаснува дека растенијата имаат позитивна улога во јонизација на воздухот, но и во уништувањето на одредени штетни организми. Не помалку важно, е тоа што тие имаат способност да делуваат против уште еден невидлив загадувач, а тоа е бучава.
„Бучавата, освен физички, предизвикува и физиолошки негативни ефекти. Растенијата со своите крошни упиваат дел од звучната енергија на загадувачите, а еден дел распрскуваат и го одбиваат“, смета Колевска и нагласува дека зелените површини се од непроценливо значење особено во големите градови, меѓу другото и поради нивните архитектенско-урбанистички функции.
„Растенијата и зелените површини имаат незаменлива улога како градежни материјали, просторни содржини и конструкции. Растенијата, поради нивната разнообразност, боја, големина, текстура, променливост во текот на времето и други особини, ги надминуваат многуте материјали користени во архитектурата и градежништвото“, заклучува проф. д-р Дана Дина Колевска.
Очигледно, науката одамна ги има потврдено придобивките од зеленилото, за кои може да се аргументира до недоглед. Ако се има предвид пак, дека аерозагадувањето во Скопје веќе се враќа „на голема врата“ реализацијата на „зелените“ предизборни ветувања би била и повеќе од потребна. Засега, и по две години откако беа дадени, тие остануваат на хартија и во пракса не се знае речиси ништо за нив.
Арсовска која најавуваше зелена транзиција и поправање на последиците, од како што велеше, запуштеноста на градот, тврдеше дека со своите проекти ќе даде поттик за креирање здрав град, но дали тие се отпочнати и до каде е нивната реализација, останува непознато.
Меѓу мноштвото проекти кои го сочинуваа нејзиниот „Зелен план“ беше и најавата за изградба на пет мега паркови во Скопје, но и таа тапка во место.
Продолжува….
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.