Доколку не се реализира сето тоа што е програмска определба на Градот Скопје, ниту една позиција не е загарантирана, а тоа и го правиме во моментов, даваме шанса на некој за кој веруваме дека во следниот шестмесечен период, доколку се докаже, ќе има шанса да ги реализира нашите програмски определби, истакна градоначалничката Данела Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со причините за разрешување на директорката на Јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје, Косана Мазнева Николиќ.
Таа рече дека во случајов немало влијание од ниту една политичка структура за оваа одлука, а ниту пак новоназначениот директор на претпријатието Гоце Трајковски има некаква комуникација со некоја политичка структура.
Мазнева Николиќ вчера потврди дека е разрешена од функцијата, но не знае зошто.
– Точно е, разрешена сум од функцијата директорка на претпријатието. За причините зошто сум разрешена треба да одговорат надлежните во Градот кои ги носат одлуките. Не станува збор за мое повлекување, ниту сум побарала да заминам од претпријатието. Напротив, цел овој изминат период напорно работев за подобрување на состојбите и условите за работа на работниците, рече Мазнева Николиќ.