Долгот по раскинувањето на договорот за изградбата на новиот Клинички центар во Скопје пораснал на 20 милиони евра, колку што треба да се исплатат на италијанската компанија. Ова го изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, кој објасни дека ангажирана се американски адвокати за спорот.
„Од сите засегнати страни формиравме координативно тело во Владата. Избравме и американска адвокатска канцеларија, меѓу најдобрите. Мојата единствена цел беше сериозно да пристапам на сите проблеми и да не го оштетиме државниот буџет. Како што знае јавноста, тоа беше проект од осум милиони евра, сега стигна арбитража во Лондон, судскиот процес стигна до 20 милиони, но може да достигне и повеќе“, рече Меџити за ТВ 21.
Како што рече Меџити, за новиот клинички центар се заинтересирани неколку светски познати компании, но во секој случај не треба да се избрзува.
Новиот Клинички центар во Скопје требаше да почне да се гради во 2017 години, кога беа избрани две домашни и една странска компанија да го градат проектот вреден 72 милиони евра. Тендерот го добија „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи“. Со промената на власта, новиот министер за здравство Венко Филипче го раскина договорот.