Сојузот на Стопански Комори со иницијатива наместо Црна листа, да се објавува Бела листа на примерни компании. За претседателот на Конфедерацијата, Миле Бошков тоа е само комуникациски пи-ар на СКМ, и можност компаниите да станат лесна „мета“ за баратели на спонзори и донации. За УЈП, постапката треба законски да се регулира и истата не би можела да се креира по теркот на Листата на должници.
Во својата предизборна програма во 2020 год, актуелната владејачка партија СДСМ најави редовно објавување на Бела листа на компании коишто редовно ги подмируваат своите даночни обврски. Три години подоцна освен Црна листа- Бела листа засега нема.
Говорејќи на конференција за сузбивање на сивата економија, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азевски покрена иницијатива наместо Црна листа на компании должници, да се објавува Бела листа. Од УЈП официјално нема никакви активности на овој план, неофицијално се размислува. „Да“ за Бела листа , но во Шведска, Данска или Норвешка, не во Македонија е ставот на Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.
„Бела листа“ за чесни компании
Кога фалат пари во буџетот да не се воведуваат нови давачки, туку да се натераат сите да си ги плаќаат своите обврски, порачуваат од Стопанската комора на Македонија.
Бизнис заедницата неодамна отворено реагираше дека поради толеранцијата кон работата на црно и сивата економија државата губи повеќе од една милијарда евра приходи во Буџетот. Товарот постојано го носат оние кои се најдисциплинирани, наместо да се натераат да плаќаат давачки оние кои тоа не го прават, рече Бранко Азески, претседател на СКМ. Затоа тој инсистира, Управата за јавни приходи, наместо списоци на должници и неплаќачи на давачки, да објавува бела листа, од која ќе може да се види кој го полни буџетот и кој се однесува домаќински и одговорно, дури и во најтурбулентните времиња.
„На таа црна листа се наоѓаат сите должници по сите основи и по сите вредности и суми, тешко може да се дојде до показатели кои ќе кажат како и од кои причини тие се наоѓаат на таа листа, а на бела листа ќе се покаже кој е тој што може да се носи со проблеми, кој е тој што умее и во вакви услови да го полни државниот буџет, да овозможи економска активност и да овозможи функционирање на државата.“ вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора.
Бела листа ДА, ама во Шведска или во Данска, не во Македонија
Освен комуникациски пи-ар карактер на СКМ не гледам друго фајде од оваа иницијатива на Комората, вели првиот човек на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.
„Има некои компании кои чесно работат и ги плаќаат даноците, ги плаќаат обврските и можеби врз основа на сето тоа можеби и сакаат да бидат промовирани, но тоа не значи дека мора да бидат промовирани. Дел од тие компании може само да бидат изложени на удар на одредени баратели на донации, спонзорства. Таа листа што ја предлага СКМ е добра иницијатива, но за Шведска, за во Данска или Норвешка, но не и за Македонија, “ вели Бошков.
„Апсолутно не ја поддржувам иницијативата. Со објавувањето на Црната листа, добро е да се знае кои се должниците, тие што не ги исполнуваат обврските,“ вели тој.
Според Бошков, има многу други форми како да се промовираат компаниите, нивната успешност и нивната одговорност.
„На пример кога имаат фирмите добри филантропски практики, општествено одговорни практики, донации, помагање на одредени иницијативи, спортисти, уметници, културни и образовни дејци. Такви работи е добро да се промовираат, да се промовираат компаниите кои го направиле тоа и да се следи нивниот пример,“ е ставот на Бошков.
„Обврските на компаниите се основни обврски и нема што да се фалиме за тоа,“ додава тој.
Темата за Белата листа, засега во процес на разговори
Од Управата за Јавните приходи велат дека објавувањето на т.н Бела листа е тема која заеднички била разгледувана со претставници на Стопанските комори.
„Управата за јавни приходи во повеќе наврати правеше обиди за утврдување на постапката, процесот и критериуми според кои би се креирала т.н Бела листа и процесот се уште е во тек. Секако сето ова треба и законски да се регулира, но Белата листа не би можела да се креира по теркот на Листата на должници кој се објавува согласно чл. 9 од Законот за даночна постапка,“ ни одговорија од УЈП.
Најновата должничка листа на Управата за јавни приходи за даноци, придонеси, акцизи и царини доспеани до крајот на март и неплатени до 30 јуни годинава, брои 1.785 компании, 18 повеќе од претходната листа. Посочени должници од граѓаните на истата листа се 3.413 на број, повеќе од 45 од претходниот список.
Споредено со истите листи кои УЈП ги објавува еднаш месечно, излегува дека јавните комунални претпријатија никако не може да се исчистат од долговите по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. Должат државни и јавни претпријатија, хотели, спортски друштва, туристички агенции, млекарници, винарии.
В.Кр
Насловна фото: Markus Spiske