:Подготовките за 30-тото издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид- фест-Охридски трубадури“, се во полн ек.
Ќе се слави со песна! На 1 и 2 септември, во македонскиот Ерусалим, нашиот прекрасен Охрид, на величенствената сцена на Долни Сарај ќе се одржат Фолк и Интернационалната вечер на јубилејното издание на фестивалот, ќе има многу квалитетна музика, етаблирани имиња што на вистински начин ќе го одбележат големиот датум на фестивалот со импресивна традиција.
„Во 1994 година започнаа „Охридски трубадури“, што, еве ја продолжуваат традицијата и годинава го имаме 30 издание на „Охрид фест-Охридски трубадури“- се сеќава оснивачот и идеен творец на фестивалот, Григор Копров.
„Фестивалот тогаш имаше само Фолк вечер а на неа победија: Ленче тогаш-Дедејска, со „Течете солзи“ со прва награда од публиката и Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“, со награда од жири.
Патем, оваа 2023 година е јубилејна и за овој наш голем композитор: Копров одбележува 50 лета блескава професионална музичка кариера.
После 1994, веќе следната година фестивалот се прошири со поп- вечер, а потоа се случи и Интернационалната вечер. Во многуте испишани страници на „Охрид фест“, во неброените хитови што ги изнедрил фестивалот („Усни на усни“-Тоше Проески, „ Јас и мојот бенд“- Биба Додева, „Јана“- Гиш, „За љубов се пее до крај“, дует Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ – Александар и Дац, „Штом ноќта помине“- Гоце Арнаудов, „Ех да свири Садило“ – Биоритам..,) скоро и да не постои уметник од бившите ју- републики што не учествувал: Бајага, Горан Каран, „Нови Фосили“, Беби Дол, Хелена Благне, Маја Татиќ, Саша Матиќ, Елеонора Баруџија, „Балканика“, Емилија Кокиќ…, а ја имавме и атракцијата „Бони-М“.
И годинава уметнички директор на Фолк вечерта е Љупчо Соколовски, традиционално ќе ја води- Каролина Петковска и 1 септември ќе биде во знак на македонската фолк елита- Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски….
На Интернационалната вечер уметнички директор е Горан Шарац а на неа, во ревијалниот дел ќе блеснат Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ… Наградата за промоцијата на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“ снимена 1973 година, хит „тежок“ 50 години, додека Неда Украден ќе добие награда за безвременскиот хит „Зора је“, што ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.
Водителската двојка Марјана Станојковска- Васил Зафирчев ќе бидат домаќини на Интернационалната вечер, каде стандардно фестивалот им остапува простор и на младите музички надежи за кои е задолжен Давор Јордановски.
Преносот на „Охрид- фест“ е преку националниот сервис МТВ, а големиот интерес за него го потврдуваат и странските телевизии- фестивалот се гледа и во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна, Грција, Албанија, Бугарија….
Годинава во телевизии поддржувачи ја има и Гранд- тв која фестивалот ќе го пренесува во живо. Зад „Охрид фест“ се 29 успешни години, а на ова 30-тото издание сите се добредојдени: влезот на Долни Сарај е слободен.
Организаторите најавуваат уште изненадувања, уште гостувања, покрај вообичаените награди и новинарите во двете вечери ќе доделат награда за песна што најмногу им се допаѓа. Ќе биде вистинска привилегија да се биде дел од 30-тото издание на „Охрид фест“!