„Љубовта може да се случи и кога не ја очекувате, и кога не ја барате, вели Ливанта за ММС, која заедно со нејзиното момче Горан испишуваат прекрасна приказна.
Тој е од Велес, а таа е од Штип. Горан Бошкоски гледа само пет проценти, додека Ливанта Дифчова е слепо лице. Се сретнале, се запознале , почнале да се слушаат, па да се дружат и со време станале сродни души. Сега веќе живеат заедно.
Се запознале на музички смотри, фестивал што го организира Сојузот на слепи лица. Ливанта ја пеела песната „Кој што ме чуе да пеам“, а Горан ја пеел „Жал за Деспина“.
Кога се запознале си ги размениле телефонските броеви. Но, Горан не чекал, туку истиот ден на враќање за дома во Штип, Ливанта го добила првиот повик од него. И првиот чекор веднаш бил направен, уште тогаш им тргнал муабетот. Се слушнале и следниот ден па наредниот, за да во периодот што следувал и по неколку пати на ден.
Така се родила нивната љубов.
„Решивме за дочекот на Новата 2022 година, да бидеме заедно, тука во Штип. Но, Горан не дојде само за дочекот, дојде и остана. И се се случи спонтано. Свативме дека си одговараме, дека делиме слична судбина, и она што беше најважно, дека имаме и сличен карактер. Тој во Велес живееше сам веќе седум години, па немаше некој поголем проблем да остане тука“ ни раскажа Ливанта за почетокот на нивната приказна.
Но, не само во Штип, одвреме навреме одат и престојуваат во Велес, каде Горан има стан.
Горан и Ливанта не се вработени, не работат, велат, не по своја вина. Горан одел во редовно училиште, а Ливанта завршила за физиотерапевт, меѓутоа никогаш не била вработена .
Заедно подготвуваат храна, заедно ги завршуваат другите домашни секојдневни обврски, одат на прошетки, се дружат со други луѓе, така го минуваат секојдневието..
„Јас приготвувам храна, се научив да го правам тоа, бидеќи во Велес живеев сам, а помагам и заедно ги извршуваме и сите други домашни активности“ вели Горан за ММС.
Го користат железничкиот сообраќај, и благодарение на оваа можност, редовно ги посетуваат Скопје, Прилеп, а со воз биле и во Гевгелија.
„Ќе се качиме во возот и во близина на железничката ќе прошетаме, ќе седнеме некаде да јадеме и се враќаме назад, кога ќе дојде време. Тоа го правиме кога престојуваме во Велес, зошто железничката станица ни е во близина,“ раскажува Горан.
Како членови на Здружението на слепи лица, редовно се пријавуваат на патувањата и летувањата коишто се организираат.
„Со години живеев само меѓу четири ѕида, без контакт и дружба со другите луѓе, ниту пак можев да излегувам надвор, без помош. Купувањето на компјутер и инсталирањето на звучните програми ми го отвори прозорецот кон светот. Обновив многу контакти, комуницирам со многу луѓе, следам филмови, серии, имам цела фонотека музика, се она што ми е достапно и можам да го обезбедам, го имам. Горан многу не го интересираат компјутерите, но се имаме еден со друг и си ги надополнуваме и потребите и интересите,“додава Ливанта.
Нивната заедничка љубов е музиката.Таа ги запозна, ги зближи и нивното соло стана дует.
Впрочем и на последниот хуманитарен концерт којшто го организираше Претседателот на штипското Здружение на слепи лица, Драги Витанов- Ливанта и Горан ги повика да пеат дует.
За крај им посакуваме уште долго, долго да ја пеат својата заедничка песна.
(В.Кр.)
Фото: Кире Андонов