Кардиохирургот проф. д-р Сашко Јовев сè уште не го потпишал решението за разрешување од директорската функција на државната Кардиохирургија откако министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека нема да толерира директори кои како што рече „седат и спијат“.
Кардиохирургот кој ја изведе првата трансплантација на срце во земјава денеска гостуваше во емисијата „Стадион“ на Канал 77, потсетувајќи се на формирањето на државната кардиохирургија за што преговарал две децении пред и официјално да биде формирана.
„Кардиохирургијата се направи во времето на министерот Тодоров. Јас 20 години учествував во преговори за формирање на државна кардиохирургија и од самите зачетоци сум максимално активен во тој правец. Бев директор и на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и кога бев спремен за отворање на Кардиохирургија во последен момент ме сопреа. Потоа имав уште неколку обиди и секогаш бев спречуван, меѓутоа во еден момент јас разочаран решив да си одам и бев три години надвор од државата. Но само што отидов, тие ме повикаа после година и пол и ми кажаа дека сепак е решено дека ќе се отвори Кардиохирургија и дека ќе морам да дојдам и да ја отворам истата, да ја организирам и концепирам и да почнам да оперирам“, изјави д-р Јовев.
Тој додаде дека во тој период било сеедно каде ќе биде клиниката бидејќи како што рече, важни биле луѓето, опремата и просторот.
Државната кардиохирургија функционира веќе седум години, период во кој како што вели докторот, тимот сработил „чуда“.
„Нашата тенденција е да ја развиваме државата и да ги оперираме најтешките пациенти. Тешките пациенти ги оперираме токму ние на нашата клиника, а лесните одат во приватните и таму побргу може да поминат. На самиот почеток имавме екстремно низок буџет. Полека јас го зголемував тој буџет. Кога ќе споредите државна Кардиохирургија со приватните, 1:4 или 1:5 се средствата коишто ни се даваат, но и покрај тоа одиме одлично. Последните две до три години оваа екипа во Фондот извонредно ни помогна. Екстремно разбирање за нас имаа и направивме бум“, додаде кардиохирургот.
Тој уверува дека нема злоупотреби, а кога станува збор за долговите вели дека секоја клиника е должна.
-Ние сме Клиника што користи најскапи можни материјали. Јас сум четири години директор, а таа постои седум години. Во првите три години јас бев шеф на проектот за развој на проектот за Кардиохирургија, имавме економски директор. Јас наследив долгови, а направив „бум“ со добивање на најсовремена опрема, се генерираше долг, но тој е помал од долговите на останатите клиники – истакна докторот.
Во интервјуто за Канал 77, тој потсети дека во земјава досега се направени осум трансплантации на срце, но потенцираше дека во нашето јавно здравство се прават и други сложени процедури со кои како држава може да се пофалиме.
Трансплантацијата на срце е врвот на медицината, тоа е звучно, но ние правиме и многу потешки процедури. На пример, имплантација на механичи срца, а сме имале повеќе од 20 такви операции – истакна Јовев.
Тој додаде и дека овде се прави процедура која за првпат е воведена на Балканот воопшто и објасни за што поточно станува збор:
„Имаме процедура која јас прв ја воведов на Балканот со мојот тим и помош од Германија. Тоа е процедура која подразбира дека целиот лак на аортата од срцето, преку крвните садови за мозок сè до дијафрагмата се менува оти има тешки болести коишто беа сива зона досега во медицината и не се лекуваа. Тоа во светот постои од пред пет години, а ние досега имаме четириесетина такви пациенти. Народски кажано се „откачуваат“ крвните садови за мозок, се менува аортата од срце којашто се сопира сè до самиот врат. Од самиот врат надолу на аортата ѝ се става стент, потоа наназад се вади протеза, се реинплантираат крвните садови за мозок додека телото не живее и го враќаме телото во живот. Тоа е најтешката можна операција што постои, иако најпопуларна е самата трансплантација“.
Во однос на кадарот, проблемот со недостиг кој се провлекува во повеќе здравствени установи не ја одминува и Кардиохирургија каде според тврдењата на д-р Јовев работата ја извршуваат педесетина проценти од потребниот кадар.
Имаме одлични млади луѓе, двајца веќе се многу поспремни, останатите растат. Тие двајца би можеле 60 отсто да направат од нашите процедури. Сите се прекрасни, влегоа во текот и ќе бидат извонредни, но треба да ги градам. Со сестри кубуриме, 20 сестри ги обучивме во нашата интензивна нега и сега работат во Германија. Луѓето си одат и ние не можеме да го сопреме нивното право да си одат. Во моментот работам со 50 посто од потребниот кадар што се однесува и до сестри и до болничари и до администрација – нагласи кардиохирургот.
Коментирајќи ја свеста за дарувањето органи кај нас, рече дека тоа во еден момент тргнало добро, а потоа спласнало.
-Сè уште двеста не е доволно развиена. Ние сме го земале хрватскиот модел, секој е дарител по дифолт. Откако ќе почине тој е дарител, но втората точка е дека се консултира фамилијата и таа треба да се согласи. Од друга страна, тоа го има земјата која има најголем број трансплантации на срце по глава на жител и тоа е Хрватска, но кај нив свеста е поголема – истакна докторот.
Тој порача дека бројката на луѓе кои чекаат за трансплантација на срце е огромна, но не е доволно регистрирана поради како што наведе, грешки во примарната медицина, во кардиологијата и така натаму.
– Тие пациенти треба да се пронаоѓаат, а не по навика да се лекуваат со лекови. Си има параметри по кои веднаш треба да се знае кога да се прати на Клника за кардиохирургија каде имаме амбуланта за срцева слабост каде ќе дефинираме дали тој пациент е за трансплантација. Можеби сега чекаат десетина, но мене ако ме прашате бројката е далеку поголема – заклучи проф. д-р Јовев.
Одговарајќи на прашања од слушателите, тој истакна дека никогаш не му било нудено да биде министер за здравство, но ако тоа се случи со задоволство ќе го стави целиот свој капацитет на располагање и би сакал тоа да биде.
-Не ми никогаш нудено да бидам министер за здравство, но ако тоа се случи со задоволство ќе го ставам цел свој капацитет на располагање. Значи да, би сакал, рече Јовев.