Со мнозинство гласови од владејачката коалиција, Собранието ги донесе петте закони со кои се дава простор за изградба на 110 километри автопатишта дел од коридорите 8 и 10д. За некои од законските решенија гласаа ЗА 62 пратеници, за други 64. ВМРО ДПМНЕ гласаше против.
Пред гласањето, координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Никола Мицевски кажа зошто гласаат против, вклучително и како што рече „навредата до ЕУ и евроамбасадорот Гир со ставањето на европското знаменце на овие закони“.
– Гласаме против да остане запишано дека најголемиот проект на оваа влада е покриен и целосно исполнет со сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари, рече Мицевски и најави дека ќе следи процесирање за овој криминал по смената на власта.
Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со 62 „за“ и 44 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.