Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Заседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.
Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали.
Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.
На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка. Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во текот на собраниската расправа рече дека владејачкото мнозинство го крши највисокиот акт во државата и Деловникот на Собранието.
Тој рече дека се злоупотребува европското знаменце, што според него ќе значи дека ќе има опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони.
Постапката за законите, како што се изјаснија во текот на собраниската дебата, е неприфатлива и за пратениците Борислав Крмов од Левица, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Маја Морачанин од ДОМ, кои исто така укажаа дека со нив не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, најави дека ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце. Како што изјави, чека реакција од Канцеларијата на Европската комисија во државава, а очекува реакција и од амбасадорите од земјите членки на ЕУ.
Во реакција на изјавата на Мицкоски, СДСМ оцени дека тој е против ЕУ и оти заедно со лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев водат хајка против, како што велат, изградбата на стратешкиот проект со коридорите 8 и 10д.
Изградбата на четирите автопатски делници на коридорите според првичните најави ќе чини 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација кои се проценуваат на околу 300 милиони евра.
Во меѓувреме, Владата вчера донесе одлука за потпишување анекс со Европската унија со што ќе се овозможи Коридорот 8 да стане дел од мрежата главни коридори во регионот и во ЕУ и го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да го потпише документот, што е предвидено да се случи следната недела во Црна Гора.
За утре е најавено поставување камен темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д, а претходно на свеченост беа официјализирани и активности за трите делници на Коридорот 8.
МИА