Трајан Коцев заврши со еден в.д. мандат од шест месеци во ЈП „Исар“ – Штип, се браќа назад во Министерството за внатрешни работи. На негово место доаѓа Кирил Зајков, кој заврши со в.д. мандатот во ЈП „Стипион“. Зајков има нови шест месеци како в.д. директор, ама овој пат во „Исар“, каде пред да стане директор во „Стипион“ беше член на Управниот одбор. На местото на Зајков во „Стипион“ со в.д. директорски мандат доаѓа Панче Стефановски, кој до сега членуваше во Управниот одбор на ова јавно претпријатие.
Панче Стефановски, нов в.д. директор на ЈП „Стипион“-Штип
Градоначалникот Иван Јорданов знае дека овие рокади некој ги толкува како „несекојдневно и несвојствено“, но како што рече, тоа е нивен начин на работа со цел да ја подигнат мотивираноста кај секој.
-Сите кои сакаме да ја подигнеме општината на повисоко ниво и сметаме дека на овој начин ќе имаме поголема контрола и мотивираност. За некого ова можеби ќе значи дека не е изградена довербата еден кон друг, но довербата е на високо ниво, затоа што сите заедно имаме единствена цел – да генерираме развој, рече Јорданов.
Трајан Коцев на заминување по краткото директорување во „Исар“ кажа дека работеле напорно и посветено и рационално ги трошеле парите, а за овој период успеале да ги намалат долговите за 7,5 милиони денари.
Ова е трета директорска промена во „Исар“ за неполни две години.