Илјадници православни верници, охриѓани и туристи, синоќа на полноќ со свеќи во рацете и молитва низ бројните храмови во градот ја дочекаа радосната вест за Христовото воскресение.
Централната богослужба во Охрид се одржа во храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, со која чиноначалствуваше епископот Дебарско-кичевски, митрополитот Тимотеј.
Инаку, продолжениот празничен викенд го наполни градот со илјадници гости како од земјата, така и од странство, од кои најбројни се оние од соседните држави, но има и од подалечните земји.
Конкретни податоци за бројот гости во градот нема. Сите хотелски капацитети не се отворени во ова време од годината, но оние што работат се со солидна посетеност, некаде до 70 проценти.
Значаен број од туристите се во приватно сместување во соби и апартмани, а голем е бројот и на оние кои имаат свои станови и викендички во градот и на крајбрежјето.
По повод празникот Велигден денеска паркирањето на возила во градот е бесплатно.
Оние што ќе останат тука и во вторник, ќе можат бесплатно да ги посетат културно-историските знаменитости во градот. Националната установа „Завод и Музеј – Охрид“ по повод 18 април – Светскиот ден на културното наследство, донесе одлука тој ден влезот во „Куќата на Робевци“, Самоилова тврдина, Галеријата на икони и Музејот на вода – „Градиште“ да не се наплаќа.
МИА