На седницата во Собранието ќе се менуваат дури девет закони одеднаш: законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење. На дневен ред е и законот преку кој, без тендер американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка ќе ги гради коридорите 8 и 10 Д.
Седницата е закажана за во 11 часот, а час порано пред Собранието во паркот „Жена борец“, најавен е протест на Македонското археолошко друштво и ИКОМОС. Археолозите се револтирани својот револт од предлогот за измени во Законот за заштита на културното наследство. Сметаат дека измените се на штета на културното наследство, без консултации и вклучување на стручната и научната јавност, додека коридорите ќе се градат без законската проверка на теренот за можно постоење на културно наследство.
Бурни се реакциите во јавноста на овој потег на власта и внесувањето на законите во Собранието, со кои ѝ се даваат бројни привилегии на Бехтел и Енка со проектот вреден фантастични 1,3 милијарди евра, додека Обвинителството води истрага со сомневање за корупција во доделувањето на работата на надзор.
Реакциите се базираат на овие предлози за законски измени:
Компанијата Бехтел и Енка нема да плаќа данок на додадена вредност за изградбата на коридорите. Нема да плаќа увозни давачки и данок на моторни возила за набавка на возила;
На Бехтел и Енка ќе ѝ се враќа акцизата на енергенси. Ако во моментов литар дизел гориво чини 72 денари, 15.5 денари (21,5%) од таа сума оди во нашиот буџет. Со предложените измени, ние ги губиме овие средства. Ако се дозволи проектот, тој ќе чини далеку, далеку повеќе од 1.3 милијарди долари.
Државата како инвеститор е ослободена од плаќање ДДВ за услугите што ќе ги добие од Бехтел и Енка;
При експропријација на имотите каде ќе поминуваат патиштата, државата да им плаќа отштета на сопствениците дури и за бесправно изградените објекти. Потребен е само имотен лист кој докажува дека земјиштето е во сопственост на лицето на кое му се експроприра имотот, но и доказ дека претходно тоа лице има поднесено барање за легализација на дивоизградениот објект.
За разлика од другите проекти со изградба на патиштата, кога имотите им се земаа на луѓето меѓу 5 и 10 евра од квадрат, државата ќе плаќа по пазарна цена. Луѓето ќе имаат 30 дена да се иселат односно предадат имотот.
Во случај на откривање на археолошки важно откритие се пријавува до надзорниот инженер, а не до МВР или конзерваторите/археолозите.
Шумите ќе се сечат без дополнителни процедури или каква било согласност, одобрение или која било друга одлука или документ од кој било орган.
Работната недела на работниците на коридорите ќе трае повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со можност за работа во недела. Претходно со обезбедена писмена согласност од работникот.
Се скратуваат сите законски постапки за градење и се бришат постапките за одобрување идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за почнување со изградба.
Се воспоставување право на службеност на земјоделско земјиште во државна сопственост за градбите од стратешки интерес и не важат досегашните одредби.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата вчера излезе со соопштение во кое побара повлекување на законските измени.
Според Платформата, измените носат ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат.
„Платформата укажува дека пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата. Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот, стои во реакцијата.