Бројот на запишани студенти на правни студии на Универзитетите во Република Северна Македонија изминатите десет години е преполовен, покажува анализата на МИА. Според одговорите добиени од 12 правни факултети, во академската 2013/14 година на додипломски студии се запишале вкупно 1 809 студенти, а во академската 2022/23 година овој број изнесува 923, односно, намалување од близу 50 проценти.
Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, МИА побара информации за запишани и дипломирани студенти по право на додипломски и постдипломски студии во изминатите десет години од сите 13 Правни факултети во државава, одговор не добивме само од Меѓународниот универзитет во Струга, од каде, и по истекот на сите рокови предвидени во законот, ни соопштија дека Барањето не било примено поради технички проблеми со електронската пошта.
Преполовување на запишани студенти на додипломски студии по право се забележува на сите државни правни факултети каде што во изминатите десет години се запишале вкупно 8 274 студенти.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, падот изнесува 52 проценти. Во Кичево, на Правниот факултет во рамките на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, се забележува пад од 64 проценти, додека, на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, 55 отсто. Најголем пад, односно цели 88 проценти, има на Државниот Универзитет во Тетово.
На Приватните универзитети, каде што во изминатите десет години на додипломски студии по право се запишале вкупно 5 161 студент, ситуацијата е поделена. На Правните факултети при Американски универзитет на Еврoпа – ФОН, Приватна високообразовна установа – МИТ Универзитет – Скопје, Европски Универзитет и Универзитет Американ Колеџ, има намалување кое се движи од 50 до 100 проценти, додека, на правните факултети при Меѓународниот Балкански Универзитет, Меѓународен Славјански Универзитет Гаврило Романович Державин – Свети Николе, Меѓународен Универзитет Визион – Гостивар и Универзитет на Југоисточна – Тетово, има зголемување е во рамките од 4 до 400 проценти.
Над 50 проценти пад има и на магистерските студии по право
Намалување на бројот на запишани студенти има и на магистерски студии, каде што во изминатите десет години, од 903 запишани студенти на 11 правни факултети во академската 2013/14, бројот се намалува над 50 проценти, односно 426 запишан студент по право во 2022/23 година.
Од вкупно 5 750 запишани студенти на магистерски студии по право во изминативе десет години, 4425 се запишале на државните универзитети. На УКИМ се забележува пад од 49 проценти, на УКЛО – 62, УГД – 76 и Универзитетот во Тетово – 57 отсто.
На приватните факултети се запишале 1 325 при што на Универзитетите ФОН, Европски, Славјански, Американ и Југоисточна Европа има пад кој се движи од 25 до 100 проценти, додека, на Универзитетот Визион во Гостивар и Меѓународниот Балкански Универзитет имаат раст од 250 – 300 отсто.
И дипломираните, односно магистрираните студенти се преполовуваат низ текот на годините. Па така, од 1 103 дипломирани студенти по право во 2013 година, во 2022 дипломираат 622, а од 588 магистранди кои магистрирале во 2013, бројката се намалува на 351 во 2022. Падот во овој дел изнесува 43, односно 40 проценти.
Намалената атрактивност на професијата, иселувањето и невработливоста – дел од причините за пад на бројот на студенти по право
Според Горан Коевски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и поранешен декан, овој пад се должи на повеќе фактори, помеѓу кои ги издвои иселувањето, преминот од осмолетка на деветтолетка, кој, како што вели, влијаеше да се јави една „вакуум година“ при уписот во средните училишта и соодветно во бројот на матуранти.
– Интересот за запишување на универзитетски студии првенствено се насочи кон медицинските и информатичките студии, како некој вид на стекнување „зелена карта“ за аплицирање за работа во западноевропските држави и почнаа да се нудат поволни услови, односно стипендии за студирање на наши млади луѓе во земјите од регионот (Словенија, на пример). Кога ќе се сумираат резултатите од сите овие трендови, јасно станува зошто, генерално, се намали бројот на студенти на македонските универзитети, вели Коевски за МИА.
Александра Цветановска, претседателка на Македонско здружение на млади правници, како фактор го наведе намалениот природен прираст и иселувањето кое резултираа со намалување на студентската популација од речиси 17 отсто. Според Државниот завод за статистика во учебната 2010/11 биле запишани 61 148 студенти, додека во 2021/22 имаме 50 863 студенти.
– Сепак се забележува и намалување на атрактивноста на студирањето право помеѓу матурантите. Во отсуство на истражувања кој би дале одговор на причините зошто е ова случај, можат да се претпостават неколку причини за ова. Професиите кои се развија во последната деценија, а се поврзани со информатичките технологии, социјалните мрежи и особено можностите да се работи од дома за странски пазар/клиенти се значително повеќе платени од правничките професии што само по себе влијае на изборот на област на студирање, вели Цветановска за МИА.
Го надоврзува и фактот што во периодот од 2000 до 2010, што коинцидира со отворањето на поголем број правни факултети, како државни и приватни, кога, како што вели, правни студии завршија голем број студенти што, според неа, доведе до одредено заситување на ограничениот пазар на труд и тешкотии при наоѓање работа, како и самата природа на правничките професии каде влезот е ограничен , со исклучок на адвокатурата, за која вели дека ги одвраќа младите од избор на оваа професија.
Ниската доверба во правосудството влијае врз изборот на правните студии
Професорот Коевски вели дека намалената доверба во правосудството има влијание врз интересот за студирање на правните факултети во земјава, а најголем дел од студентите на правен се млади луѓе кои сакаат да продолжат некоја семејна традиција во вршењето на правната професија (адвокати, нотари, извршители, судии).
– Но, има и студенти кои од претходно немаат никаква допирна точка со правото како професија и се запишуваат со желба да променат и реформираат нешто во државата. Нашата мисија како професори е да го задржиме сјајот во очите токму кај овие „реформатори“ во текот на целото студирање, но и подоцна, кога остваруваме контакти со нашите поранешни студенти кои стануваат дел од алумни заедницата на Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели тој.
Давитковски, пак, смета дека довербата од четири проценти не влијае врз матурантите за правни студии, бидејќи, како што вели, во правосудството се вработуваат и преку Академијата претежно деца на веќе вработени во правосудството, судии, јавни обвинители, адвокати, деца на политичари или блиски до политичките партии.
Деканката Џафче е согласна дека присуството на корупција и непотизам во правосудството прави, како што вели, „обичниот“ млад човек да го одбегне правничкото образование.
– Актуелните случувања уште повеќе ќе ги потврдат нивните перцепции дека единствено децата на функционерите имаат место во правосудство, што дополнително ќе придонесе „обичните“ млади луѓе да се одвраќаат од тоа да ја бараат својата иднина таму, вели таа.
Преку мотивација до просперитет и одржливост на правните студии
Професорот Коевски смета дека мотивацијата за правните студии може да пружи на повеќе начини, помеѓу кои ги издвојува постојано освежување, осовременување и европеизирање на студиските и на предметните програми на правните студии, преку можност за стекнување на знаења и вештини што се бараат од модерните правници не само локално, туку и надвор од државата. Во врска со потенцијалот за просперитет во правната професија кај нас, вели дека станува збор за циклични движења во општеството.
– Доколку во моментов, да речеме, на правните студии има интерес колку да се задоволи „простата репродукција“ на пазарот на правната професија, очекувам овој интерес да се зголемува, особено за правници кои би биле дел од пошироките интегративни процеси на Македонија во рамки на Европската Унија. Правници со стекнати знаења во областа на европското право и за европските вредности неопходно ќе станат дел од нашето секојдневие. Секако, за овие „нови правници“ предизвикот ќе биде нивните знаења и вештини да бидат верификувани првенствено од страна на европските институции, а не локално, вели тој.
Давитковски посочува дека е тешко во овие политички и други општествени услови, младите да се мотивираат да студираат право, а како една од предностите го издвојува тоа што дипломата на УКИМ е признаена во западноевропските држави и во САД, при што, како што вели, добар дел од дипломирани правници го продолжуваат образованието во овие земји и по правило скоро сите остануваат таму да работат.
Во однос на просперитетот, тој смета дека истиот се должи на квалитетот на дипломата, кој, според него, поради големиот број на правни факултети, е мал.
– Со толкав број правни факултети, не гледам некоја позитивна перспектива на правната професија кај нас. На некои правни факултети, јавни и приватни, има случаи каде што кадрите/наставниците немаат докторат по право, предаваат по многу повеќе предмети отколку што е законскиот максимум. Сето ова директно се одразува на квалитетот на дипломираните правници, вели тој.
Деканката Џафче, од друга страна, смета дека постои сериозен наставен кадар кој може да го одржи и подобри квалитетот на студиите.
– Индивидуално е кај сите Универзитети. Иако, мислам дека постои сериозен наставен кадар кој може да го одржи и подобри квалитетот на студиите. Трендот на намалување на квалитетот е поврзан со серија фактори меѓу кои ЕКТС системот влијаеше на значително стеснување на програмите или избрзување на материјалот и промена на начинот на полагање, недостигот на научен подмладок, финансирањето на научно – истражувачката дејност која е маргинализирана, затвореноста на институциите кои треба да ја овозможат праксата, сето тоа е дел од причините кои ги прави правниците неподготвени за правната практика, вели таа.
Според неа, независен и професионален правосуден систем е невозможен без добро организирано и квалитетно високо правно образование и токму тоа е потребно за младите да се мотивираат да студираат право.
Цветановска е согласна дека отворањето на поголем број правни факултети, како државни и приватни, имаше негативно влијание врз квалитетот на правните студии.
– Низ годините, во државата студенти запишуваа помеѓу 12 и 20 правни факултети. Дел од нив со мошне мал број на наставен кадар. Оваа бројка за држава која има помалку од 2 милиони жители е нереална и непотребна. Само за споредба, во Словенија која во однос на население е горе-долу слична со Македонија, има само два правни факултети (Љубљана и Марибор). Во борбата за придобивање студенти, за жал, правните факултети беа приморани да ги намалат критериумите за влез и оценување што имаше негативен ефект врз квалитетот на правното образование. Во период кога правните факултети требаше да се фокусираат на усогласување на наставните програми со новите трендови во правното образование кај нас за жал се случи „комерцијализација“ на оваа особено важна област, вели таа.
Како клучен предуслов за мотивација за студирање право вели дека треба да се врати атрактивноста на правните професии како што се адвокатурата, судиската и јавно обвинителската професија.
– За ова е неопходно да се надминат сериозните предизвици со кои во моментот се соочува нашето правосудство. Системот на унапредување мора да биде транспарентен и согласно квалификациите и подготвеноста на кандидатите, не заради нивните лични, семејни или политички врски. Дополнително, одредено унапредување на содржината на студиските програми со зајакнување на фокус на практичните вештини како што се решавање на проблеми, критичко размислување, правно резонирање и аргументирање може да влијае на зголемување на атрактивноста. Важно е и правните студии да ги следат и современите предизвици во областа на ИТ технологиите, дигиталните права и вештачката интелигенција, вели таа.
Во меѓувреме, покрај падот на запишани и дипломирани студенти по право на додипломски и постдипломски студии, со дефицит на правни кадри се соочуваат и правосудните органи во државава.
Според Годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет, има 639 судиски места предвидени по систематизација во сите судови низ Република Северна Македонија, од кои пополнети се 401 место, додека, 238 се испразнети.
Вкупниот број на јавни обвинители кои во моментот ја извршуваат функцијата, пак, изнесува 162, слободни места, според Советот на јавни обвинители, има 82.
Во Академијата за судии и јавни обвинители, изминатите осум генерации конкурирале вкупно 1 528 слушатели од кои биле примени 287, а завршниот испит го положиле 188. Во работен однос, според информациите од АСЈО, во моментов се 129, од нив, 64 обвинители и 65 судии.
МИА