Неверојатно прозвучи веста за одлуката на Уставниот суд, со која преку укинување на законски одредби се овозможи за речиси двојно зголемување на платите на функционерите. И ако за одредени одлуки, на Уставниот суд му требаат месеци, некогаш и години, оваа за платите се донесена за само четири месеци.
Станува збор за иницијатива од адвокатот од Скопје, Бојан Стојевски, што Уставниот суд ја донел на 21 март, со која, основицата за пресметување на плата се зголемува од 26.000 на 47.700 денари.
Со одлуката, платата на Претседателот на државата изнесува речиси 2.500 евра, односно од 93.000 денари ќе порасне на 165.000 денари. Близу 2.500 евра е платата на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Министрите ќе добиваат по 1.800 евра, а судиите околу 1.600 евра.