Млада Германка која требало да наследи десетина милиони долари соопштила дека не сака да го задржи богатството. Таа решила дури 95 проценти од парите да ги подари во хуманитарни цели.
Се работи за Марлин Енгелхорн (29), наследничка од моќна германска фамилија. Нејзината баба неодама починала, а претходно одлучила на своите внуци да им остави голем процент од богатството кое изнесува 4,2 милијарди долари.
Гостувајќи во многу германски медиуми, Марлин изјавила дека не сака да го задржи наследството, тврдејќи дека тоа што открила оти баба ѝ ѝ оставила пари ја изнервирало и не ја направило воопшто среќна.
„Не би требало да биде моја одлуката што да правам со парите на моето семејство, за кои ниту ден немам работено“, изјавила Марлин за Vice Nevs.
Таа нагласила дека управувањето со наследството бара многу време.
„Тоа не е мој животен проект“, порачала младата жена.
Бидејќи знаела за наследството две години, Марлин изјавила дека имала доволно време да размисли за најдобрата опција и одлучила парите да ги даде во добротворни цели.
„Јас не направив ништо за да го примам тоа наследство. Ова беше чиста среќа, како лотарија. Чиста случајност“, додала таа.
Марлин добила прилика да се обрати на настанот „Милионери за хуманост“, кој се одржал во август во Амстердам.
„Јас сум производ на нерамноправно општество. Бидејќи инаку, не би можела да се родам во повеќе милиони“, порачала таа.
Оваа млада жена живее во Виена и при своето обраќање, таа повикала на структурални промени во начинот на одданочување на ултрабогатите.
На прашањето како изгледа нејзината иднина откако се откажала од 90 до 95 отсто од своето наследство таа изјавила: „Тоа се уште не знам. Но сакам напорно да работам како и сите останати“.
Инаку, бабата на Марлин починала на 94-годишна возраст. Таа била член на германско индустриско семејство кое основало компанија за производство на хемикалии во 1865 година. Откако компанијата била продадена за 11 милијарди долари во 1997 година, бабата на Марлин добила 2,45 милијарди долари. Тоа богатство пораснало на 4,2 милијарди долари во моментот на нејзината смрт на почетокот на оваа година.