Пред македонската влада на следната седница ќе се најде предлогот за донација за Украина од 12 хеликоптери М-12, откако завршила анализата на Генералштабот.
Според министерката за одбрана, Славјанка Петровска, хеликоптерите, кои се произведени во 1984 година, во поголем дел веќе во 2015 година се истечен ресурс и не се користат. Со нивното донирање, како што рече министерката, не се менува борбената готовност на Армијата.
-Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, е опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме“, изјави министерката Петровска во гостувањето за емисијата „360 степени“.
Проценетата вредност на 12 -те хеликоптери е 30 милиони евра. Во исто време, тече набавката на осум нови современи хеликоптери, за што се разгледуваат пет понуди.