Четириесет каменчиња да се фрлат од врвот на штипски Исар, 39 ракувања, а последното 40-то да се запечати со бакнеж беа дел од ритуалите и во овогодишното одбележување на Денот на пролета во светки рамки познато како- Четрсе. Пиењето на 40 чашки ракија или вино сепак е само мит, вели професорот Зоран Малинов, еден од виновниците што оваа традиција и градот Штип се впишаа на листата на УНЕСКО како нематријално културно богатство.
Од тогаш поминаа десет година. Традицијата е жива, но треба многу да се работи на промоцијата на оваа придобивка.
„Убаво е да се види дека традицијата е жива, уште повеќе кога најбројни се младите луѓе, доказ дека навистина традицијата ќе продолжи, “ кажа на трибината што Општина Штип ја организираше по повод 10 години од впишувањето на Штип на листата на Унеско, Велика Стојкова-Серафимова унесков експерт за нематеријално културно наследство, етномузиколог која беше дел од тимот кој што присуствуваше на свечениот чин во Баку 2013 година.
„ Да се впише нешто во УНЕСКО подразбира чест но и обврска колку кај државата како главен мотиватор и финансиер на одржување на едно културно добро, толку и на носителот на оваа добро .Освен овие два столба на кои почива чувањето на една традиција, третиот столб е општината, НВО, училиштата, значи сето она што се наоѓа помеѓу, што може да комуницира и со државата и со носителите,“ вели Стојкова-Серафимова.
Според неа треба да се работи на промоција на оваа придобивка, штипјани да се гореат и фалат дека не само Охрид туку и Штип е град на УНЕСКО и тоа треба да се искористи.
„Има многу механизми коишто можат да се искористат за да се зајакне видливоста на оваа добро во насока на одржлив економски развој за регионот бидејќи заштитата на едно нематеријално добро во УНЕСКО подразбира дека тоа треба да се штити, да се чува, да се негува и како да врати, да даде и за самите носители нешто, да има двострана комуникација. Тоа значи дека еден ваков обичај може да се промовира во регионална смисла, може на национално ниво како голем празник и да се брендира на меѓународно ниво, што се нуди како на пример вмрежување со градови кои имаат слични вакви манифестации, има грантови коишто се отворени за вакви видови на активности,“ објасни на трибината Стојкова-Серафимова.
Самиот празник Четрсе е поврзан не само со празнувањето на Светите 40 маченици туку и со почетокот на пролетта. Таа упати апел до наставниците да го искористат овој обичај кога зборуваат за промената на годишните времиња, за почетокот на пролетта, за фрлањето на 40-те каменчиња кога зборуваат за карпите и т.н. Тоа е она што го преферира УНЕСКО, учење со живото културно наследство, не „за“ културното наследство.
На трибината таа беше прашана дали во текот на процедурата околу прогласувањето на оваа нематеријално културно богатство имало проблеми од Бугарија со оглед на тоа што и во Ќустендил имало еден ваков сличен обичај, кажа дека во тој период немаше проблеми со Бугарија , актуелен беше проблемот со Грција.
„Кога станува збор за УНЕСКО, тука има една многу убава работа иако за некои и не е дека -Никој не смее да ти се меша и никој не смее да ти заштитува нешто во твоја територија. Со тој инструмент ние сме апсолутно заштитени,“ додава Стојкова-Серафимова.
УНЕСКО одбележува 20 години од потпишувањето на конвенцијата за зачувувањето на нематрејалното културно наследство а Европската Унија оваа година ја прогласи за година на живо наследство.
„Тоа е прекрасна платформа за надминување на некои меѓусоседски проблеми, кои што ги имаат речиси сите соседни држави“ смета професорката.
Професорот Малинов истакна дека е многу горд што традицијата Четрсе продолжува да живее. Тој се наврати на обичаите поврзани со празникот.
На прашањето дали оваа традиција подразбира и пиење на 40 чаши ракија или вино, кажа дека тоа е повеќе мит и реално невозможно, но останува запишано како нешто за што се зборува.
Заокружувајќи го своето излагање на трибината професорката Велика Стојкова-Серафимова и даде домашна задача на локалната самоуправа, кога ќе дојде идната година на одбележувањето на Четрсе , очекува да види неколку огромни панели, каде што ќе биде промовиран овој обичај како празник.
Таа додава дека умните држави тоа го користат во промоцијата на својата култура.
На локалната самоуправа и градоначалникот им останува обврската да ја искористат оваа придобивка на Штип како град на УНЕСКО, зошто гордоста не е доволна за да се негува една ваква светски призната традиција.
Весна Крстева